Николиќ: Претседателските избори можно е да се одржат на 9 април, следната година

Српскиот претседател, Томислав Николиќ, денеска изјави дека разговарал со премиерот и лидер на Српската напредна партија, Александар Вучиќ, околу неговата кандидатура за претседател на државата и ги потврди информациите во медиумите дека претседателските избори е можно да се одржат на 9 април, следната година.

Прашан за евентуално одржување и на вонредни парламентарни избори на истиот датум, за што исто така се шпекулира во српските медиуми, Николиќ вели дека тој има доверба во актуелната влада, но дека одлуката во врска со ова прашање е во рацете на Вучиќ.

„Доколку владата сака, по неколкуте спроведени мерки да ја провери својата популарност и да го осигури својот мандат од четири години, тоа е право на владата, а уставот на Србија тоа го дозволува. Јас мислам дека во време на транзиција, кога се случуваат крупни промени во општеството, подобро е почесто да се проверува волјата на граѓаните“, изјави Николиќ.