Нема докази дека добитокот и домашните миленици можат да го пренесат корона вирусот на луѓе

Фото: Wikimedia Commons

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) потврдува дека нема докази за вмешаност на животните (добиток и домашни миленици) во ширењето на корона вирусот и нема потреба за преземање на мерки што можат да ја загрозат благосостојбата на животните. Наместо тоа, ФАО ги промовира вообичаените хигиенски практики на миење раце пред и после контакт со или хранење на добиток и домашни миленици, вклучително и внимателно ракување со месо од диви животни, во согласност со нормалната добра практика.

„Истрагите да се разбере епидемиологијата на COVID-19 и вклученоста на животните како резервоар на вирусот или привремени домаќини, се во тек. Во овој момент, сепак, најголем ризик од ширење на COVID-19 е пренесувањето од човек на човек. Оттука, СЗО е надлежен и примарен извор на информации во врска со човековите здравствени аспекти на ширење на вирусот“, се нагласува во соопштението на ФАО.

ФАО континуирано ги следи и споделува информациите за состојбата со корона вирусот на глобално ниво и ги координира активностите за превенција, подготвеност и откривање кај животните во соработка со СЗО и ОИЕ, по принципот на единствен здравствен пристап One Health. 

Од ФАО потенцираат дека во моментов нема докази дека кучињата играат улога во ширењето на COVID-19. Сепак, луѓето не треба да ракуваат, колат, продаваат, подготвуваат или консумираат месо што потекнува од диви или домашни животни кои се болни или кои умреле од непознати причини.

„Не треба да се консумира сирово месо од дивеч или необработени јадења кои содржат крв од диви животни. Овие практики ги доведуваат луѓето во висок ризик од заразување со бројни инфекции“, посочуваат од ФАО.

Од оваа Организација на ОН потенцираат дека било каква невообичаена болест или смрт кај животните треба да се пријави кај надлежните органи за здравјето на животните.

Притоа, ФАО ги советува медиумите да не користат фотографии или икони од животни во било какви комуникациски материјали или пораки поврзани со корона вирусот COVID-19, во функција на избегнување на погрешното толкување на улогата на животните во пренесувањето на корона вирусот на луѓето.

Од македонската Агенција за храна и ветеринарство пак во денешното соопштение посочуваат дека ја забрануваат работата на добиточните пазари и собирните центри во целата земја, во насока на спречување на ширењето на корона вирусот меѓу луѓето. Исто така, од оваа агенција воведоа сет безбедносни мерки. Меѓу другото, ветеринарните друштва не треба да вршат активности во одгледувалиштата на животни, во кои има лица кои се наоѓаат во самоизолација.