Неделен извештај на ИЈЗ: Опаѓа бројот на новозаразени, се зголемува бројот на починати од ковид-19

Бројот на новозаболени и на оздравени лица, се намалува во однос на претходната недела, а бројот на починати лица како последица на ковид-19 е зголемен, информира Министерството за здравство. Ова го евидентира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој денес го објави неделниот извештај за периодот од 13 до 19 јули.

Во овој период направени се вкупно 8.161 тестирања (1.834 помалку од периодот 6–12 јули што се должи и на еден дополнителен неработен ден) и регистрирани се 1.038 позитивни случаи на ковид-19, што е за 35 случаи помалку од претходната недела.

„Новозаболени се регистрирани во 26 градови, а најголем процент на новозаболени има во Скопје (39.9 отсто) и во Штип (14,4 отсто). Во 17 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20. Во овој период се забележува промена на старосната структура на новозаболените во однос на претходните недели при што најголем процент се лица помеѓу 40–49 години 21,1 отсто, потоа лица над 60 години 20,6 отсто, поголем број новозаболени се регистрира кај лица помеѓу 30-39 – 20,4 отсто и кај лица од 50-59 години – 19,7 отсто. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа 0-9 години – 2,2 отсто, и од 10-19 години – 3,5 отсто од вкупниот број на новозаболени“, информираат во министерството.

Согласно извештајот на ИЈЗ, од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 88 лица или 9,5 отсто од новозаболените, што е намалување за 2 отсто во однос на претходната недела, а кај 275 лица или кај 29,5 отсто регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за 2 отсто повеќе од претходната недела.

„Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 38,6 отсто имале контакт со потврден случај на ковид-19, а 12 лица (10 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена. Во периодот 13-19 јули регистрирани се 545 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 472 лица помалку од претходната недела на известување (6 – 12 јули). Пред ова намалување од 40 отсто на неделниот број на оздравени лица, три недели бројот на оздравени лица бележеше раст за околу 40 отсто на неделно ниво“, додаваат оттаму.

Во периодот 13 до 19 јули, регистрирани се 44 смртни случаи, што е 8 повеќе смртни случаи од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 81,8 отсто. 41 од случаите се починати во болнички услови, а 3 вон болнички. Кај 35 од смртните случаи (79,5 отсто) регистрирани се претходни коморбидитети.

На 19 јули 2020 година, според извештаите од Клиниката за инфективни болести, ГОБ „8-ми Септември“, од Институтот во Козле, клиничките болници во Битола и во Штип, општите болници Прилеп, Куманово, Велес и Гостивар, хоспитализирани се 392 лица позитивни на ковид-19, од кои 102 се на кислородна поддршка, а пет се на механичка вентилација.