Советот на Народната банка денеска одржа редовна седница на којашто донесе Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и на штедилниците.

„Како што беше истакнато на седницата, со појавата на пандемијата на ковид-19, Народната банка донесе повеќе мерки за монетарно олабавување и регулаторна флексибилност, како поддршка на банкарскиот систем и економијата во целина, во услови на криза. Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука.

„Како што беше нагласено на седницата, токму поради неизвесноста којашто сѐ уште постои, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо ќе ги планираат своите капитални потреби и ќе му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси. Ова е од исклучително значење за натамошно зачувување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, како и за обезбедување натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Заради корона-кризата, вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко,“ се додава во соопштението.