Напади со дронови и ракети во Украина, експлозии регистрирани близу атомска централа

Во текот на ноќта руските сили пуштиле повеќе борбени дронови „Шахид“ од територијата на Крим и од територијата на Русија, а украинското Воено воздухопловство соборило 21 од нив

фото: Укринформ

Во текот на ноќта руските сили пуштиле повеќе борбени дронови „Шахид“ од територијата на Крим и од територијата на Русија, а украинското Воено воздухопловство соборило 21 од нив. Дроновите оперирале во јужните, источни и централните региони на Украина, јави украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

Дополнително, врз населени места во регионот Донецк руските сили истрелале осум ракети од системот С-300. Шест од нив паднале во местото Покровск, а цел на ракетниот напад биле две села, во кои паднала по една ракета. Засега се пријавени десет повредени цивили, од кои четири се деца, а пет цивили се заглавени под урнатините на станбена зграда. Покрај тоа, оштетени се и девет куќи, полициска станица и автомобили.

Во регионот Миколаив, пак, руските сили извршиле артилериски напад врз едно село, но за среќа нема загинати цивили.

Извршени се и неколку напади со авионски ракети.

Експлозии во текот на ноќта се регистрирани и близу атомската централа „Хмељницки“ во западна Украина, но според тимот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) централата не била погодена. Сепак, тоа покажува дека во војната на постојан ризик се изложени сите атомски централи во Украина, вели Маријано Гроси, генерален директор на МААЕ.

„Голем дел од вниманието на светот, оправдано, е насочен на реалната опасност на која што е изложена атомската централа Запорижја, која што е посебна причина за грижа бидејќи се наоѓа на фронтот. Но настаните од минатата ноќ служат како потсетник оти не смееме да заборавиме за другите такви места во Украина, коишто се потенцијално изложени на ракети и други напади“, вели тој.