Најмалку тројца загинати во напад на џамија во Кабул

Најмалку три лица загинале, а десет се ранети во самоубиствен бомбашки напад што денеска се случил во шиитска џамија во главниот град на Авганистан, Кабул, јавуваат светските агенции кои се повикуваат на изјава на портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи, Наџиб Даниш.

Напаѓачот се обидел да влезе во просторијата за молитва во џамијата, но бил спречен од полицијата. Притоа дошло до пукање, по што напаѓачот се сокрил во кујната каде ја детонирал бомбата.

Нападот се случил во моментот кога голем број верници се собирале за ноќната молитва по повод светиот муслимански месец Рамазан.

Џамијата Ал Захра, каде се случил нападот, му припаѓа на шиитското малцинство во Кабул и досега повеќепати беше цел на напади.