Во Јавна соба во Скопје во саботата се одржа првиот фестивал на јапонската култура во Македонија организиран од Japan@mk.
Фестивалот наречен „Нихон џи“ обедини различни аспекти од јапонската култура на едно место преку промоција на македонски граѓани, уметници, модни дизајнери, поети, архитекти, тренери на боречки вештини, ентузијасти, гикови, гејмери и косплеери кои се инспирирани од јапонската уметност и култура или имаат посебна почит кон истата.
Посетеноста беше огромна, а лично јапонскиот амбасадор Хиронори Савада го отвори фестивалот со пригоден говор.
Овој фестивал покажа дека македонската публика, а особено младите, се многу заинтересирани за вакви настани кои вклучуваат цела заедница и потекнуваат од фановите за фaновите.
Солидарноста и соработката е клучниот фактор што го направија овој настан успешен. Вклучени беа над 150 учесници во различни аспекти од програмата: од презентација на боречки вештини, до хаику поезија, изложба на уметнички дела, модни дизајни и бодипејнт перформанс.
Се одржаа и турнири во видео и друштвени игри, косплеј натпревар, и чајна церемонија, работилници за цртање манга и изработка на јапонски украси, проекција на филм и аниме и три трибини кои обработуваа теми за јапонската култура, литература и анимација.
На фестивалот имаше и продажен и презентациски дел, така што можеа да се видат и купат: аниме фигури, друштвени игри со јапонска тематика, облека и торби со јапонски мотиви, чаеви, јапонски пијалоци и суши. Имаше и презентација на мали роботи, како и маратон за преведување на содржини поврзани со Јапонија на Википедија.
Japan@mk е неформална организација на ентузијасти и љубители на јапонската култура, чија цел организација на настани, дружење и споделување знаења и инспирација.
Организацијата е слободна, отворена и промовира слободна култура.