На локалните избори во Бугарија, проблеми со Македонците во Благоевградско

По локалните избори во Бугарија вчера, според првичните резултати, владејачката партија ГЕРБ ќе ја задржи доминацијата, но со помала поддршка отколку пред четири години, јавуваат бугарските медиуми.

Проблеми имаше во Благоевградскиот регион, во селото Рилци, каде локалните жители протестираа и сакаа да го спречат гласањето поради големиот број гласачи со бугарски пасоши од Македонија, регистрирани на адреси во селото. Локалните жители сметаа дека појавата на голем број непознати гласачи е местење на изборите, односно гласање за еден кандидат. Тие сакаа да ги спречат „изборните туристи“ да гласаат, но интервенираше полицијата и овозможи гласање.

Слични проблеми имаше и во Кресна, каде уште во четвртокот Специјалното обвинителство почна истрага поради тоа што во гратчето неколку дена пред изборите биле регистрирани нови гласачи во околу 200 домаќинства.

Во Софија, сегашната градоначалничка Јорданка Фандaкова ќе мора, за да се избори за петтиот нејзин мандат, да излезе на вториот круг против Маја Манолова, независна кандидатка која е поддржана од неколку опозициски партии. Таа доби околу 100.000 помалку гласови од минатите избори. Пред четири години ГЕРБ победи во 22 од 28 региони, од кои во 11 уште во првиот круг.

Излезноста на гласачите вчера изнесуваше 43 отсто, а набљудувачите наведуваат дека многумина не сакале да гласаат, бидејќи сметале дека исходот од изборите е однапред познат.