МВР гони 15-годишник од Кавадарци за „тероризам“, праќал лажни закани за бомби преку „хакирана“ електронска адреса

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски | фото: МВР, октомври 2021 г.

МВР поднесе кривична пријава против 15 годишен малолетник од Кавадарци за кривично дело „Тероризам“. Малолетникот се сомничи дека на 4 и 12 декември испратил закана за бомба до три основни и три средни училишта во Кавадарци. Според МВР, тој пораките ги праќал преку „хакирана“ електронска адреса, директно од неговиот персонален компјутер.

„Малолетникот на 04.12, од неговиот персонален компјутер на интернет апликација, преку хакирана електронска адреса, на службените електронски адреси на три основни и три средни училишта, сите на територија на општина Кавадарци, испратил заканувачка порака за поставена бомба во објектот. На 12.12, од истиот персонален компјутер на службената електронска адреса на основно училиште во Кавадарци, испратил заканувачка порака со слична содржина како претходната“, наведено е во соопштението на МВР.

Од полицијата додаваат дека при антитерористичката проверка е утврдено дека во сите училишта кои ја добиле пораката не се пронајдени експлозивни направи.

Пред десетина дена, поточно на 12 декември 2022 година, полицијата извршила претрес на домот на малолетникот од Кавадарци, како и на други простории каде што живеел тој, и му ги одзеле компјутерот и мобилниот телефон. Откако ги провериле компјутерот и телефонот, од МВР успеале да најдат докази за испратените лажни закани за бомби.

На 5 декември беа евакуирани основци и средношколци во Кавадарци заради дојави за бомби. Дојавите стасале на електронските адреси на две училишта за средно образование и три за основно.

Но, овие лажни закани за поставени бомби во училиштата се само две од десетиците дојави кои во последните неколку месеци се испраќаат во земјава. Првата лажна дојава за поставен експлозив се случи на 26 октомври и тогаш таа испразни пет скопски гимназии. Оттогаш наваму редовно се случува да се испраќаат дојави, а освен училишта, жртви беа и скопскиот аеродром, Транспортниот центар, висококатници, трговски центри. За сите дојави се утврди дека се лажни. Претходно беше утврдено дека уште една од заканите за бомби ја испратил малолетник од Скопје. Но, за останатите закани, кои се сметаат за хибриден напад на државата, сè уште не е откриен сторителот.

Инаку, претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, кажа дека според она што може да го соопшти најголемиот дел од дојавите за поставени бомби во Македонија, доаѓале преку руската интернет платформа „Јандекс“. Тој се огради околу можните испраќачи, коментирајќи дека тоа не значи дека дојавите за бомби доаѓаат од Русија. Тој рече дека луѓе од НАТО веќе две недели се присутни во земјава за да помогнат, пред сѐ, технички.