МОН ги објави резултатите за стипендии за докторски студии

Кандидатите кои се прифатени дополнително ќе бидат известени за потпишување договор, информираат во МОН

Photo by The Climate Reality Project on Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од конкурсот за доделување стипендии за студии од трет циклус во земјата за академската 2023/2024 година.

„Сите кандидати ќе добијат решение, а одбиените кандидати ќе имаат можност за поднесување жалба од денот на добивање на решението од страна на Министерството за образование и наука во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена. Кандидатите кои се прифатени дополнително ќе бидат известени за потшишување на договор“, информира МОН.

Конкурсите за доделување стипендии за академски студии од втор и трет циклус за академската 2023/2024 година беа објавени на 4 јануари, а неколку недели подоцна беа избришани од интернет-страницата на министерството. Во МОН тогаш објаснија дека не биле повлечени, туку аплицирањето престанало во моментот кога ќе се пријават доволен број апликанти.

Висината на стипендиите за втор циклус е 9.000 денари за девет месеци во годината, а оние за трет циклус се во висина од 18.000 денари. Селектираните докторанди ќе ја добиваат во времетраење од 12 месеци.