fbpx

Министерството за одбрана повторно на врвот на Индексот на отвореност, забележителен напредок на Министерството за земјоделство

Вкупниот резултат на извршната власт во Северна Македонија (Владата, министерствата и извршните органи), во споредба со 2022 година, минатата година забележал минимален пораст. Македонската влада петта година по ред го држи првото место на регионалниот Индекс на отвореност

-

Македонската извршна власт во 2023 година има минимален пораст на отвореноста според Индексот на отвореност на национално ниво кој Фондацијата Метаморфозис го промовираше денеска на настанот „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“. Вкупниот резултат на извршната власт во Северна Македонија (Владата, министерствата и извршните органи) достигнал 67 отсто исполнетост на индикаторите. Покрај Владата која исполнува над 78 отсто од поставените критериуми, на второ место се министерствата со 64,36 отсто, додека на трето се извршните органи со 58 отсто исполнетост на критериумите на отвореност.

Во документот е нотирано дека дури седум министерства се под просекот што го постигнале министерствата, а тоа се Министерството за здравство, Министерството за економија, Министерството за култура, Министерството за локална самоуправа, Министерството за транспорт и врски и Министерството за политички систем и односи со заедниците.

Сепак, од поединечното мерење на вкупно 36 македонски институции, на првото место по отвореност е Министерството за одбрана, кое исполнува високи 90,84 отсто од индикаторите на отвореност. Македонската влада е прва на ниво на влади во регионот, но на ниво на институции во државата е трета – пред неа е и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое исполнува 85,61 отсто од индикаторите за отвореност.

Колку за споредба, ова министерство претходната година било под просекот на исполнување на индикаторите, што значи дека во 2023 година бележи значителен раст.

Четирите столба на Индексот на отвореност го дефинираат и проценуваат доброто владеење заедно со четири принципи: пристапност, ефикасност, транспарентност и интегритет.

До сите 36 мониторирани македонски институции биле доставени прашалници – одговори стигнале од 22, додека останатите 14 не доставиле одговори на прашалниците.

Министерството за политички систем е најмалку транспарентно

Речиси една третина, односно 10 од институциите воопшто не одговориле ниту на барањето за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Меѓу нив се четири министерства (здравство, политички систем, надворешни работи и транспорт и врски) и шест извршни органи.

По категории, отвореноста е најголема според интегритетот (64,3%), додека најниско на скалата е пристапноста (54,18%), со која се проценува степенот до кој правото на пристап до информации е гарантирано со закон и во практика, како и квалитетот на механизмите за вклучување и консултации при процесите на креирање на политиките.

Министерството за одбрана е прво рангирано и во однос на поткатегоријата транспарентност, каде исполнува 83,17 отсто од индикаторите. На второ место е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со 81,03 отсто, а на трето Министерството за финансии со 79,24 проценти исполнетост на индикаторите за транспарентност.

Овие три македонски министерства се највисоко рангирани и на ниво на регион, се забележува во документот.

Од друга страна, најниско рангирани на скалата на транспарентност се Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Министерството за транспорт и врски и Министерството за правда.

Од институциите што не одговориле на прашалникот, пет се министерства и тоа министерствата за финансии, локална самоуправа, здравство, надворешни работи и политички систем.

Северна Македонија е прва земја во регионот со стратегија за транспарентност

Република Северна Македонија напреднала најдалеку во однос на изготвувањето стратешки документи во областа на транспарентноста и отвореноста и е прва земја во регионот која ја регулира политиката на отвореност преку посебен документ.

Македонската влада е на врвот во регионот според отвореноста – исполнува 78,33 отсто од поставените критериуми за отвореност, додека просекот на владите од регионот е 59,1 отсто. Владата е поотворена и во однос на просекот што го оствариле министерствата и извршните органи во државата.

Преку Индексот на отвореност за 2023 година, направена е длабинска анализа на работата на извршната власт, но се дава и резиме на вкупните перформанси на институциите. Истражувани се институциите на четири држави – покрај Северна Македонија, мониторирани се и институциите на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Ваквиот резултат на македонската Влада, која петта година по ред го држи првото место на Индексот, кореспондира со нејзините заложби да се насочи кон дигитализација на процесите, со цел креирање ефикасни и ефективни системи на добро управување со зголемена транспарентност и отчетност во управувањето со јавните финансии, се вели во документот.

фото: Ванчо Џамбаски

Препораки за поотворени институции

Овогодишното истражување на Метаморфозис е спроведено во периодот од февруари до мај 2024 година, а методите се состојат од следење на интернет-страниците на таргетираните институции, прашалник доставен до институциите, испратени барања за пристап до информации од јавен карактер и проверка на законодавната рамка.

Отвореноста е клучен успех за демократијата, затоа што, од една страна, им дава на граѓаните можност ефикасно да учествуваат во процесите на креирање политики, а од друга, воспоставува и одговорност на институциите – колку повеќе се транспарентни, толку повеќе граѓаните имаат увид во нивната работа, истакнаа денеска од Фондација Метаморфозис.

„Метаморфозис две децении работи на овозможување активно вклучување на граѓаните во процесите на одлучување и отчетност на властите, со особен акцент на користењето на информатичка технологија и споделување на знаења. Осма година по ред го спроведуваме Индексот на отвореност, чија регионална перспектива служи како референца за тоа како напредува нашата држава споредена со државите во регионот во однос на доброто владеење и владеењето на правото, а што ги води државите од регионот кон нивната стратегиска цел – членство во Европската Унија“, изјави на денешниот настан Данче Даниловска- Бајдевска, програмска директорка во Фондацијата Метаморфозис.

Индексот укажува на тоа дека потребите на граѓаните и општеството се менуваат и треба посебен фокус и посветеност на овие прашања, рече во своето обраќање на настанот Гордана Гапиќ- Димитровска, национален координатор на Партнерството за отворена власт (ПОВ) и копретседавач на Советот за ПОВ од Министерството за информатичко општество и администрација.

„Секогаш кога администрацијата или работата на Владата се мери однадвор, особено кога се поставени соодветни индикатори кои се проверени, проверливи и тестирани, треба сериозно да ги земеме наодите на тие индекси, се со цел да ја унапредиме работата. Нема поголема награда и олеснување за администрацијата кога некој ќе ве измери однадвор и ќе ви ги каже пропустите и прашањата на кои треба да се работи. И веќе пола од работата за администрацијата е завршена – точно е детектирано каде има слабости и каде треба да работиме малку повеќе“, рече Гапиќ- Димитровска.

Документот на Метаморфозис содржи низа препораки за извршната власт, а меѓу нив: да се намали максималниот рок за одговор на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер од 20 на 15 дена, службениците да бидат редовно обучувани за меѓународните и домашни стандарди за унапредување на пристапот до информациите, да воведат директни канали за онлајн комуникација со граѓаните на нивните интернет-страници, да воведат внатрешни процедури за унапредување на реактивната и активната транспарентност, да објавуваат годишни програми за работа.

За Владата се препорачува да ги објави документите што се разгледуваат и дискутираат за време на седниците, како и транскрипти од состаноците, но и да спроведе консултации со јавноста при планирањето на буџетот. Се препорачува намалување на трендот на бројот на предлог-закони што се предлагаат по скратена постапка, особено во предизборен период, за да не се загрози нивниот квалитет и да се намали учеството на засегнатите страни во консултациите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Кинеското влијание во С. Македонија се зголемува, се користат разни пропагандистички механизми

И покрај тоа што Кина е далеку од Северна Македонија, таа е присутна во земјава, нејзиното влијание го има, можеби дури и тивко преку разни економски, дипломатски, културни, медиумски...