Марш за женски права – „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“

Маршот за 8 Март е најавен како протестен одраз против ситуацијата во државата, против инситуционалната и општествената негрижа кон жените и девојките, тргнувајќи од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневните социјални и здравствени неправди

Илустрација: Tiiiit Inc.

По повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправноста на жените – 8 Март (петок), граѓанската организација „Тиииит Инк!“ повикува на колективна акција, колективен протест и колективен марш во заедничката борба за рамноправност и родова еднаквост. Оваа година ќе се маршира под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“, со почеток од 17 часот на плоштадот Скендербег.

Маршот е најавен како протестен одраз против ситуацијата во државата, против инситуционалната и општествената негрижа кон жените и девојките, тргнувајќи од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневните социјални и здравствени неправди па сè до високата стапка на економска несигурност и сиромаштија.

„Маршираме заедно, бидејќи сите ние треба да имаме гарантирани еднакви права и можности – пристап до здравствени услуги, без да го загубиме нашето право на избор, достапност до бесплатни гинеколошки прегледи во сите населени места, како и до менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување. Независност, правичност и сигурност – во сите сегменти од нашето постоење!“, велат од организацијата.

Маршот ќе започне во 17 часот на плоштадот Скендербег а ќе заврши во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.