Навремено одговоривме на сите барањата на СЈО, тврдат од „Македонски телеком“

Телекомуникацискиот оператор „Македонски телеком“ денеска соопшти дека навремено одговорил на сите барања на Специјалното јавно обвинителство и дека од операторот остануваат отворени за понатамошна соработка со надлежните органи.

„Најодговорно тврдиме дека навремено сме обезбедиле одговори на сите барања од Специјалното јавно обвинителство и остануваме отворени за понатамошна соработка со надлежните органи. „Македонски телеком“ е компанија која работи според законите, во интерес на граѓаните и на своите корисници“, велат од компанијата.

Реакцијата на операторот следува по објавите на социјалните мрежи дека токму „Македонски телеком“ е компанијата што не ги доставила бараните податоци за телефонските броеви кои биле прислушувани, а за кои Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага „Таргет“.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, во петокот минатата недела истакна дека побарале од судот да издаде судски наредби за да можат да прибават докази од уште еден телекомуникациски оператор во земјава, од кој досега не успеале да добијат податоци за телефонските броеви што биле „таргет“ на незаконско следење на комуникациите, но не наведе за која компанија станува збор.

Од „Македонски телеком“ велат дека во согласност со Законот за електронски комуникации и со Законот за следење на комуникации, имаат законска обврска да набават опрема за следење на комуникациите и да ја стават на располагање на Министерството за внатрешни работи, но оти немаат контрола, ниту можност за користење на истата.