Летна школа за справување со зависности од дроги од 21 јуни во Струмица

Школата посебно ќе се фокусира на моделите на политики за дроги, лекувањето на зависноста базирано на докази, намалување на штети, психосоцијална поддршка и програми за ресоцијализација и интеграција и концептот на човекови права

фото: ХОПС - Опции за здрав живот Скопје

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје по осми пат организира „Летна школа за зависности од дроги“, која годинава ќе се одржи од 21 до 28 јуни во Струмица.

Седумдневната школа ќе понуди мултидисциплинарен пристап за учење за зависности од дроги што ќе ги земе в предвид социјалните, медицинските, но и политичките прашања.

Целта на летната школа е да ги едуцира младите стручни кадри за работа на полето на зависноста од дроги.

„Школата посебно ќе се фокусира на моделите на политики за дроги, лекувањето на зависноста базирано на докази, намалување на штети, психосоцијална поддршка и програми за ресоцијализација и интеграција и концептот на човекови права. Предвидена е и посета на програмите за зависности кои постојат во Струмица каде ќе се одржи школата“, велат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Право на учество имаат дипломирани или студенти од завршните години на студии од областа на социјалната работа и социјалната политика, правни студии, медицински студии, безбедност, полиција и детективи, психологија, како и постидпломци од наведените области и млади стручни соработници, на возраст до 30 години.

Заинтересираните кандидати за учество на летната школа треба да испратат мотивациско писмо и кратка биографија на [email protected] најдоцна до 12 јуни 2024 година. Сите трошоци за летната школа се обезбедени од организаторот.