Фото: Бојан Блажевски

Во Македонија лани е забележано загрижувачко намалување на трошоците за заштита на животната средина. Во развиените земји, надминувањето на загадувањето се решава по принципот „загадувачот плаќа“, што повлекува со себе подмирување на трошоците за заштита на животната средина, кои треба да ги сноси правното или физичкото лице кое го врши самото загадување на почвите, водите, воздухот, шумите или пак со своите активности предизвикува бучава и слични проблеми.

Во 2020 година, вредноста на трошоците за заштита на животната средина изнесувале 97.159.431 евра, односно истите биле на најниско ниво во периодот од 2015 година до денес. Во однос на претходната година, ваквите трошоци опаднале за над 26 милиони евра, но истите се речиси двојно помали во споредба со 2018 година. Државниот завод за статистика ги мери и објавува извештаите на оваа тема во изминативе осум години.

Во вкупните трошоци за заштита на животната средина според еколошката намена, во 2020 година најголемо било учеството на трошоците за управување со отпадни води (39,08 отсто), потоа учеството на трошоците за постапување со отпад (26,68 отсто) и на трошоците за циркулациски системи за снабдување со вода (19,07 отсто).

„Трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина“, објаснуваат од Државниот завод за статистика.

Учеството на инвестициите во вкупните трошоци за заштита на животната средина лани изнесувало 65,46 отсто, а учеството на трошоците за одржување во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесувало 34,54 отсто.

Од вкупните трошоци за заштита на животната средина, во 2020 година најмногу трошоци биле направени во индустријата и специјализираните производители – над 52,3 милиони евра, односно 53,89 отсто.

Од направените трошоци за заштита на животната средина во индустријата и специјализираните производители, 44,04 отсто се наменети за инвестиции, а 55,96 отсто се за одржување на средствата.

Од вкупните плаќања и надоместоци за извршени услуги за заштита на животната средина, најголемо е учеството на платените надоместоци за постапување со отпад, 79,27 отсто.