Лајчак: Без формирање на Заедница на српски општини ќе нема договор меѓу Белград и Приштина

Фото: Фејсбук профил на Мирослав Лајчак

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави дека без формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) нема да има договор меѓу Белград и Приштина. Лајчак во интервју за Радио телевизија Србија (РТС) рече дека целта не е некој да победи, а некој друг да загуби.

„Целта е да се бара вин-вин ситуација и да се отвори европската врата“, потенцира Лајчак.

За средбата во Охрид која ќе се одржи на 18 март, Лајчак истакна дека има за цел да се постигне договор за исполнување на договорот што има добиено таква поддршка од ЕУ каква не се памети во минатото.

Мирослав Лајчак по посетата на Косово од вчера е во Белград. Тој денеска ги продолжува разговорите со претседателот на Србија Александар Вучиќ, а оствари средба и со дел од опозицијата.

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека е оптимист за претстојната средба, но дека не зависи сè од него.

„Јас понудив да го потпишам предлогот на Европската унија на 27 февруари во Брисел, но другата страна ниту беше подготвена ниту заинтересирана“, рече Курти.

Тој се осврна на последната средба меѓу Косово и Србија во Брисел, кога според европските дипломати, страните постигнаа договор за предлогот на ЕУ за нормализација на односите, но не беше потпишан документ.

На средбата во Охрид, Косово и Србија, со посредство на европскиот блок, се очекува да разговараат за планот за имплементација на предлогот на ЕУ за нормализација на односите.

Во документот од 11 члена, кој беше објавен во јавноста од Европската унија,  конкретно не се споменува меѓусебното признавање, за кое Владата на Косово рече дека треба да биде во центарот на евентуалниот договор за нормализирање на односите.

Но, во членот 2 од предлогот се споменува дека страните мора да ја почитуваат меѓусебната независност, суверенитет и територијален интегритет. Предлогот вклучува и заложба на страните да ги почитуваат сите досега постигнати договори во дијалогот за нормализација на односите, како и заложба меѓусебно да не се кочат во интеграциските процеси.

Курти рече дека ја разбира позицијата на Србија, но и дека треба да се осврнат на она што е договорено и дека „планот за имплементација треба да се преговара во Охрид, а можеби и не само во Охрид“.

„Да разговараме за планот за имплементација. Разбирам дека Србија многу турка по прашањето за Заедница на општини со српско мнозинство. Тоа е во член 10, еден од 33-те договори. Всушност, кога погледнав неодамна, заедно со заклучоците што беа донесени во Брисел, се чини дека од 2 јули 2011 година до 25 август 2015 година има вкупно 39 договори, а Заедницата ги сочинува првите шест точки од договорот 15, што е 16-ти од 39“, истакна Курти.

Претседателката на Косово Вјоса Османи изјави дека нема многу надеж за пристапот на Србија на охридската средба, но очекува меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија.

„И Србија треба да се увери дека средбата што ќе се одржи во Охрид е исклучително важен моментум во процесот на дијалог. Преку овој договор заедно со план за имплементација треба да се решат многу прашања кои потоа ги отвораат вратите за меѓусебно признавање“, изјави Османи за медиумите во Приштина.