Ковачевски не си ја зголемил сопствената плата – одлуката е на Уставниот суд

Факт е дека одлуката не ја донела Владата, ниту премиерот лично, ниту на мала врата, туку е донесена по расправа на Уставниот суд што се одржала на почетокот на 2023 година, а е соопштена по седницата одржана на 21 март годинава

Фото: Влада на РСМ

Што ќе се случува по одлуката на Уставен суд да укине делови од законско решение со кое беа „замрзнати“ платите на избраните и именуваните лица сè уште е непознато, иако поизвесно е дека ќе има некакво зголемување. Но, затоа пак, познато е дека причините за ова не се должат на одлука на премиерот или на Владата, туку лежат во одлука на Уставниот суд, кој е институција над трите власти, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Најголемата опозициска партија излегува во јавноста со тврдење околу зголемувањето на платите на функционерите како самостојна одлука на премиерот Димитар Ковачевски, што е невистина:

Ковачевски инфлацијата и криминалот ги зголеми, но не заборави да си ја зголеми и платата.

Македонија со Ковачевски имаше најголема стапка на инфлација во регионот и во врвот на Европа, скоро 20% инфлација ги стопи примањата на граѓаните во последната година…Единствено што има пораст е криминалот, тендерите и платите на функционерите…

Ковачевски додека замрзнува цени на макарони, и залажува со квази мерки на мала врата ќе си ја зголеми платата за 78%, како за него, така и за неговите министри и функционери

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб; – датум: 03.04.2023]

 

Образложение:

Невистина е тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот Димитар Ковачевски сам си ја зголемил платата или на мала врата ќе си ја зголеми платата за 78 отсто, како за него, така и за неговите министри и функционери

Невистинитоста на ова тврдење произлегува од два факта, а и двата имаат и формална и суштинска нишка за да се оцени кко невистинито ова тврдење на главната опозициска партија.

Првиот формален и суштински аспект на прашањето лежи во фактот што одлуката ја има донесено Уставниот суд, институција која е на некој начин целосно издвоена од трите власти – судска, законодавна и извршна, без оглед на конекциите што ги има со некои од трите власти при изборот на уставни судии. Впрочем, за нејзината независност зборува и фактот што е издвоена категорија и во Уставот на државата.

Значи, факт е дека одлуката не ја донела Владата, ниту премиерот лично, ниту на мала врата, туку е донесена по расправа на Уставниот суд што се одржала на почетокот на 2023 година, а е соопштена по седницата одржана на 21 март годинава. Тоа може да се види и од веб-страницата на Судот, каде што може да се види дека 10 дена подоцна се дадени одговори и на прашањата од медиумите.

Второ, во соопштението на Судот може да се види дека укинатите члeнови од Законот за плати и надоместоци, со што се овозможува зголемување на плaтите до 78 отсто, се донесени во 2012 и во 2014 година, кога ваквите измени за практично замрзнување на платите се ставени од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ предводена експремиерот во бегство Никола Груевски:

Имено, со првата укината одредба е утврдено  дека основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25.726 денари,  додека со втората укината одредба е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за 4% започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година.

Уставниот суд смета дека во случајот, постои двојство во уредувањето на прашањето за основицата на платата на избраните и именуваните лица, што претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја…– се наведува во образложението на Судот.

Освен ова, одлуката е донесена расправајќи по конкретна иницијатива до Судот доставена од извесен адвокат Бојан Стојевски и тоа е наведено на крај од одлуката на Судот. Повеќе за ова директно од целата Одлука на Уставниот суд, како и од појаснувањето за медиумите што е дадено на 31.03.2023 година.

Вториот елемент којшто суштински и формално покажува дека Ковачевски или Владата не стојат зад ваквата одлука, е фактот што во текот на постапката Владата, барем така тврди, го застапувала ставот да остане „замрзнувањето“ на платите на функционерите, без оглед дали е уставна или не, а водејќи се од економската состојба во земјата. Во соопштението од Владата, а кое беше пренесено од дел од медиумите, се наведува:.

Напоменуваме дека досегашното „замрзнување” на основицата беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата истиот е бранет како став пред Уставен Суд, а која со одлука на Уставен истата практично се укинува. Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите овластувања има дадено негативно мислење за иницијативата за промена на членовите од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица до Уставниот суд со кое го потврдува ставот на Владата дека законското решение за плати не треба да се менува. Така што, намерата на Владата била и сѐ уште е јасна, а тоа е фер и праведно платена работа за сите чинители во општеството.

„Останатите чинители“ се сите функционери во државата кои се избрани или именувани лица во сите гранки на власта. Како ќе реагираат останува да се види.

На пример, претседателот на РСМ Стево Пендаровоски излезе со мошне остра изјава дека тоа е „невкусно“ и побара да му се намали коефициентот во предметниот закон за да не прима повисока плата. Затоа пак, врховниот судија и претседател на Здружението на судии Џемали Саити вели дека „одлуката на Уставен мора да се почитува“, оставајќи сомнеж единствено дали државата има економски капацитет да ја спроведе. Дел од пратениците се изјаснија против (на пример Павле Трајанов), додека градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски е за зголемување на платите, додека градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски најави дека зголемувањето ќе го донира, а пратеничката група на СДСМ ќе се консултирала со другите пратенички групи, но најпрво го чекаат ставот на Владата, сепак не негираат дека извесно зголемување на платите ќе има.

Како и да биде, факт е дека тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека Ковачевски „си ја качил платата за себе и другите функционери“ на извршната власт е невистина.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски