Колку е опасен жолтиот смок, жител на паркот Гази Баба и вонреден станар во студентскиот „Стив Наумов“?

Во Македонија не постои змија што ќе ве нападне. Фобијата е неоправдана - стравот е влеан од порано. Смокот ќе избега „како молња“, затоа што е повеќе исплашен од вас отколку што сте исплашени вие од него. Средбата најчесто ќе заврши за неколку секунди. Одржувањето на теренот и препорачаните практики може да придонесат до тоа „Стив Наумов“ да стане непривлечна средина за влекачите

фото: Мета.мк и Bouke ten Cate, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Жолт смок (Dolichophis caspius) е видот на змија што во понеделникот влезе во мензата во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје и бргу ги вознемири станарите и дел од вработените. Станува збор за змија која не претставува закана за човекот, затоа што се плаши од луѓе и секогаш ќе се обиде да побегне, а не да нападне. Заблудата дека сите змии се агресивни и опасни кон луѓето произлегува од стравот влеан од популарната култура и од недоволното познавање на овие рептили.

Ова во разговор за Мета.мк го вели херпатологот д-р Драган Арсовски, кој ги истражува водоземците и влекачите.

Според него, глетката на жолтиот смок е честа појава во Македонија, особено во текот на пролетта, кога овие влекачи често завршуваат на патиштата, а со тоа и под гумите на возилата што поминуваат. Позната е како една од најраспространетите змии во регионот, но истовремено е и меѓу најдолгите во Европа, при што постарите единки може да достигнат должина и до 2 метра. Тоа, сепак, е реткост, затоа што овие змии најчесто не доживуваат старост поради опасностите кои ги демнат во урбанизираните средини.

„Жолтиот смок не дочекува старост често, бидејќи, особено во урбани средини, е прогонуван и убиван од луѓето. Најчесто, кога ќе чуеме приказни од луѓе за средби со змија долга ‘три или четири метри’, веројатно се сретнале со овој смок, но тоа е претерување и потекнува од стигмата којашто ги следи змиите, од стравот и од сакањето да се покаже машкост. Секако е интересно кога некој ќе каже дека видел или се соочил со змија, а звучи уште поинтересно ако тој некој претера и каже дека била долга три или четири метри“, вели д-р Арсовски.

Жолтиот смок во Европа се среќава најмногу на Балканот, но и во некои источноевропски земји. Во Македонија, вели Арсовски, оваа змија се среќава буквално насекаде – од најниските точки на околу 40-тина метри во Гевгелија, до надморска височина од околу 1.200 метри.

„Повисоко не оди, бидејќи му е ладно. На поголемите надморски височини има други змии“, додава херпатологот.

Драган Арсовски, херпатолог / фото: лична архива

Жолтиот смок е единствената змија што може да се најде во Гази Баба

Речиси е сигурно дека жолтиот смок е единствената змија што може да се сретне во паркот на природата Гази Баба во Скопје. Арсовски вели дека при темелно истражување на оваа парк-шума, во изминативе години не забележале ниту еден друг вид.

Тој, заедно со неколку студенти од Природно-математичкиот факултет (ПМФ), од 2019 година ги истражува желките во Гази Баба, а покрај нив, многу херпатолози исто така ја посетуваат локацијата за научни и образовни цели.

„Големи се шансите да сме ги виделе и забележале досега сите видови коишто може да се сретнат во парк-шумата Гази Баба, зашто сме прочешлале доста детално. Од 2019 година досега имаме забележано само еден вид на змија таму, а тоа е жолтиот смок. Не би рекол дека е премногу чест, меѓутоа ни дека е редок. Наутро со првото сонце може да го видите излезен и на патеката за пешаци за да се сонча и да се загрее, за потоа да може да си продолжи со денот – фаќајќи глодари и птици – тоа му е работа во текот на денот“, вели Арсовски.

Жолт смок / Konstantinos Kalaentzis, CC BY-SA 4.0 <https://creativecommons.org/licenses/by-sa/4.0>, via Wikimedia Commons

Од друга страна, поскокот, како отровна и распространета змија во Македонија, е речиси неверојатно да се најде во Гази Баба, затоа што овој вид тешко ги преживува урбаните средини како што е овој дел од главниот град.

„Друга змија којашто би ја очекувале, којашто би можело да биде потенцијално опасна, е поскокот, којшто е исто така доста чест во Македонија. Меѓутоа, во парк-шумата Гази Баба би можел да кажам со 95 отсто сигурност дека оваа змија ја нема, што се должи на долгото присуство на човекот во оваа парк-шума. Генерално, на населени места, поскоците се првите коишто бидуваат истребени бидејќи луѓето знаат лесно да ги препознаат по рогчето што го имаат на главата и по специфичната шара на грбот, па знаат дека станува збор за отровница и ја прогонуваат уште повеќе од другите змии. Така што, со доста голема сигурност би кажал дека нема друг вид на змија во парк-шумата Гази Баба. Ако ме прашате мене, за жал“, додава тој.

Споредба меѓу жолт смок (лево) и поскок (две слики десно) / фото: Katya from Moscow, Russia, CC BY-SA 2.0 <https://creativecommons.org/licenses/by-sa/2.0>, via Wikimedia Commons и Македонско еколошко друштво (МЕД)

Колку е опасна оваа змија?

Бојата на „жолтиот смок“ варира од сивкаста до жолтеникава, опишува Арсовски. Напролет, за време на сезоната за парење, мажјаците може да добијат силно и црвено обојување околу главата и устата, нешто што го нема кај женските единки.

На прашањето дали и колава опасност претставува жолтиот смок за студентите сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“, Арсовски вели оваа змија не напаѓа и дека е „поисплашена од нас отколку ние од неа“.

„Не може да нападне. Ниту една змија што постои во Македонија нема да нападне човек. Таа ќе бега од човек. Ние сме за неа предатори и таа многу повеќе се плаши од нас отколку ние од неа. Тоа е единствениот факт што треба да го имаме во глава. Во Европа не постојат змии што напаѓаат за да си го заштитат гнездото, потомството или територијата, како што постојат на други места, на пример во Австралија. Така што, оваа змија и сите останати смокови кои ги имаме во државата, се генерално многу исплашени од нас, и секогаш, без исклучок, бегаат од нас“, вели Арсовски.

Змиите играат клучна улога во нашите екосистеми, првенствено како контрола на популациите на глодари (како што се глувците) и се екстремно корисни. Ова е точно и за жолтиот смок, кој се храни со глодари, помали змии и птици, и со тоа игра улога во контролирањето на овие популации, што може да се смета за полза за човекот.

„Секој вид којшто постои на планетата Земја е резултат на еволуција од милиони и милиони години. Секој си го фатил своето парче во екосистемот и постои таму бидејќи се прилагодил на јадење на нешто, живеење во одредена средина и слично. На Земјата постојат илјадници видови и секој од нив има улога што била градена во текот на илјадници или милиони години, што значи дека, улогата на овие видови не е бесцелна и не постои само така, без да прави ништо. Прашањето е дали нам, на човекот, ни одговара нивната улога. Конкретно, жолтиот смок, за среќа, ни одговара бидејќи јаде многу од штетниците во градот, односно може да ги јаде и глодарите. Игра феноменална улога во контролирање на тие популации“, вели Арсовски.

Тој додава дека жолтиот смок е „добар качувач“ бидејќи понекогаш е предатор на гнезда и птици. Може да се качува по дрвја, но не многу добро по ѕид.

Соживот меѓу станарите во „Стив“ и жителите на парк-шумата Гази Баба

Кога живееме близу до зеленило, планина, до парк или во населби како оние под Водно, скоро е невозможно да спречиме змиите да дојдат до нас, бидејќи ние се наоѓаме до нив. Човекот навлегува во природните живеалишта на животинските видови, што е случај и со студентскиот дом „Стив Наумов“ кој е сместен веднаш под паркот на природата Гази Баба.

„Најдобрата опција е соживот со средината и нејзините жители. Сепак, ние – луѓето, со нашата градежна експанзија, урбанизација и потреби, се шириме и влегуваме во нивните живеалишта. Едноставно мора да имаме некаква почит кон природните жители. Затоа, мора да бидеме спремни и свесни и да знаеме дека нема 100 отсто гаранција дека нема да бидеме посетени“, вели херпатологот.

„Меѓутоа, бидејќи ние сме светлосни години далеку од нивото на свесност за да постигнеме соживот, треба повеќе да зборуваме за тоа што се змиите и како и зошто да не се плашиме од нив, бидејќи таа фобија е неправдана. Вградена е во нас“, додава тој.

Поставување на заштитни огради и мрежи, според него, не би ги спречило помалите и „попргавите“ животни да се протнат меѓу нив и да ги поминат. Но, затоа, вели Арсовски, најдобро е животната средина каде што сакаме да нема змии, да ја направиме непогодна за нив.

„Доколку се одржува тревата пониска и се коси редовно, тоа би претставувало некаков вид на бариера за змиите. Тие се доста таинствени видови и поголемиот дел од денот го поминуваат или во дупки или во големи џбунови, грмушки или на дрво. Кога бараат партнер за парење или активно бараат храна, тие змии мора да прејдат од едно на друго место за да си ги зголемат шансите да го најдат тоа што го бараат. Доколку треба да избере како ќе стигне до некоја цел, доколку има дел којшто е попошумен и со повеќе грмушки, таа ќе го избере тој дел и ќе оди во тој правец. Доколку има дел којшто е целосно искосен и рамен, без сенка, особено налето, нема да го одбере тој дел“, објаснува Арсовски.

„Постојат истражувања на други видови змии кои покажале дека, доколку некој дел е искосен или бетониран, можеби со бели камчиња кои го зголемуваат отсјајот од сонцето, тоа им пречи и генерално не ги одбираат таквите делови. Јас генерално сум против поплочување и бетонизација, меѓутоа, на пример, доколку се стави некаков бел песок или некоја слична површина и доколку теренот се одржува искосен, сето тоа ќе делува на начин што ќе ги обесхрабри змиите да тргнат по тој правец и да изберат друг, попошумен“, додава тој.

При косењето, пак, Арсовски апелира оние што управуваат со механизација и алатки за косење да внимаваат, затоа што често во тревата може да се најдат други видови на животни, како желки, кои може да настрадаат од ножевите на косилките.

Арсовски советува и соодветно да се ракува со храната којашто би привлекувала глодари, а со тоа и змии – да се чува на место коешто е подобро изолирано и заштитено, за глодарите да не можат да ја намирисаат.

„Сите овие практики ќе ја намалат можноста од појава на змија“, коментира херпатологот.

Од посетите на жолтиот смок во „Стив Наумов“, изминативе неколку години / фото: студенти

Што во случај на средба со жолт смок?

Во Македонија не постои служба која може да се повика и да постапи за дислоцирање или заловување на змии.

„Дури и на места каде што постојат вакви служби, тие доаѓаат само доколку змијата е заглавена некаде дома кај луѓето или во место каде што често има средби со опасни животни, како во Австралија. Сметам дека треба да постои ваква служба, иако случаите кога ќе треба да се интервенира се ретки. Мене ми се јавувале луѓе во ваков случај да дојдам, но тоа било попусто. Ако си видел змија во двор, додека да стигнам јас за половина час, таа повеќе нема да биде таму. Така што, и да има служба, нема да може да се реагира доволно брзо за да се отстрани или стави некаде. Дури и да се отстрани жолт смок што бил најден близу до менза и да го вратиме назад на Гази Баба, шансите дека ќе се врати, особено доколку таму има извор на храна, се големи“, коментира Арсовски.

Според него, доколку студент се сретне со жолт смок, не треба да паничи, затоа што змијата нема да го нападне и ќе продолжи да се движи.

„Смокот, генерално, како молња ќе избега од вас. Најчесто таа средба ќе заврши за неколку секунди. Ако се случи да влезе внатре, во менза или во дом, може само да се остави вратата отворена и да се поттурне со стап за да излезе. Ниту таа не сака да е внатре и ќе си го најде својот пат“, вели Арсовски.

„Е сега, во цела таа забуна, исто како ние кога ќе видиме змија и ќе се исплашиме, па ќе почнеме да се однесуваме нерационално – да се укочиме или да почнеме да трчаме во погрешна насока – истото може да го направи и оваа змија. Многу често луѓето мислат дека змијата ги напаѓа бидејќи смокот ќе тргне во нивен правец, а тој тоа го прави за да избега меѓу нозете. Реакција на смокот е иста како и нашата – во таа ‘избезуменост’ знае да тргне кон нас само за да избега. Тоа е така, дополнително и затоа што, генерално, змиите што ги имаме во Македонија немаат добро изразен вид, имаат други сетила на коишто се потпираат“, вели Арсовски.

Тој предупредува змиите да не се допираат и да се внимава да не бидат нагазени.

„Особено жолтиот смок знае да биде доста темпераментен доколку биде ракуван. Доколку ја фатите во раце, таа ќе тргне да ве касне, што е нормална реакција. Јас сум бил каснат стотици пати од жолтиот смок бидејќи ја имам фаќано и истражувано – ако ја фатиш, нејзиниот инстинкт е да те касне, меѓутоа дури и да дојде до каснување, што би се случило САМО доколку ја згазите или фатите, и тоа е комплетно безопасно. Единствено што би требало да го направите е да се проверите за да не настане инфекција, исто како кога ќе се пресечете или ќе ве касне друго животно. Нема апсолутно никаква друга опасност“, додава Арсовски.

„Знам дека е полесно да се каже ова отколку да се практикува. Го разбирам стравот, особено ако некој претходно никогаш не се сретнал со змија, па првата средба му е ‘страшна’, бидејќи сме слушале и сме гледале претерани и хиперболизирани сцени на телевизија и на филмови и сега тој страв ни е влеан. Доволно е само да тргнеме во правец спротивен од тој на змијата и тоа искуство ќе заврши таму“, вели Арсовски.

Во меѓувреме, студентскиот дом „Стив Наумов“ останува привлечна средина за жителите на парк-шумата Гази Баба. Тревата околу домот е обрасната и неуредна, со густи грмушки кои се вистински рај за штетници, глодари и рептили. Со други зборови, ако од паркот се симнете кон студентскиот дом, нема да добиете впечаток дека сте ја напуштиле шумата.

(ГАЛЕРИЈА) „Стив Наумов“ е како џунгла, домот го губи некогашниот сјај