Кенди Далфер упати пораки против војната, дискриминацијата и хомофобијата на концертот во Скопје

Фото: Мета.мк

Светски познатата холандска саксофонистка Кенди Далфер и нејзиниот бенд изминатиов викенд одржаа два концерта во Скопје, на којшто тие го потврдија статусот на врвни музички изведувачи и миленици на скопјани.

Свирката на 9 април траеше скоро два часа и успеа да ја дигне на нозе публиката што ги имаше пополнето сите расположиви места во салата на Филхармонијата на РСМ и да ги поттикне да танцуваат на различните џез и поп песни, од старите хитови до неколку теми од новиот албум „We never stop“, објавен 2022 година.

Како фронтменка на бендот, Далфер направи и неколку паузи со кратки монолози со позитивни пораки, преку кои ја надополни емоционалната атмосфера загреана со песните во фанк-стил.

Најавувајќи ја песната „Немам време за ова“ („No time for this“), таа укажа дека човечкиот живот е доволно тежок, со сите секојдневни грижи и обврски, предизвици како пандемијата ковид-19, така што навистина нема разбирање за луѓето што дополнително го отежнуваат со тоа што започнуваат војни или ја трошат својата енергија на дискриминирање и измачување на другите луѓе.

Таа особено предупреди на сексизмот, хомофобијата и ејџизмот како штетни појави што навистина не му требаат на човештвото.

Далфер повеќе пати посочуваше дека сите сме едно и дека треба да се сакаме меѓу себе, што треба да го покажеме и со тоа што ќе овозможиме сите членови на човештвото да имаат еднакви шанси во животот. Тоа беше и шлагворт за социјално ангажираната песна „Повеќе места на масата“ („Мо’ seats at the table“) со која се промовира општествена еднаквост.

Во сличен дух е и последната изведена песна од новиот албум, „Перспектива“ („Perspective“) со која заврши концертот.

Далфер и претходно има настапувано во Скопје, пред повеќе од две децении. Пред концертите локалните љубители на модерна музика на социјалните мрежи објавуваа спомени од концертот одржан во Универзална Сала во 1996 година. Во деведесеттите години на XX век, Далфер беше во зенитот на популарноста благодарение на глобалниот хит „Lily was here“ кој го имаше снимено со Дејв Стјуарт од „Јуритмикс“. На социјалните мрежи изобилуваа и комплименти за младешкиот и здрав изглед на Далфер (53)