fbpx

Кацарска: Добивав закани на секои два-три дена, а бев и физички нападната

Претседателката на Уставниот суд во заминување даде осврт на активностите на Уставниот суд за време на нејзиниот мандат, кои вклучуваат: Акт што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат, зголемен буџет, намалување на бројот на старите предмети, полн капацитет на Уставен суд и зголемена транспарентност

-

Претседателката на Уставниот суд во заминување Добрила Кацарска вели дека за време на нејзиниот мандат не поминувало недела без да добие некоја закана. Таа вели дека била и физички нападната.

На денешната прес-конференција, каде таа даде и осврт на активностите за време на нејзиниот мандат, Кацарска вели дека некои од првичните закани не ги пријавувала за да не ги вознемирува јавноста и полицијата, но одлучила дека треба да ги пријавува откако почнале да се повторуваат секој втор или трет ден.

Имено, пред две недели пред нејзиното паркинг место Кацарска нашла импровизиран кревет и кујнски нож, кој бил забоден на прекинувачот за светло.

Зборувајќи за нејзиниот мандат, на денешната прес-конференција таа изјави дека го завршува мандатот со чувство на исполнетост.

Меѓу активностите кои таа ги истакна се: Акт што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат, зголемен буџет, намалување на бројот на старите предмети, полн капацитет на Уставен суд и зголемена транспарентност.

Кацарска посочи дека новиот Акт за првпат им овозможи на правните лица и на странските државјани да поднесат барање и да побараат заштита за нивните слободи и права. Дополнително, сега Народниот правобранител може да поднесува барања за заштита на слободите и правата во име на оние граѓани кои тоа сами не можат да го сторат.

„Овој нов Акт на Уставниот суд предвидува и т.н контролни механизми за судиите и претседателите, да не може да се чуваат предмети „во фиока“ со години, како што за жал беше случај во минатото. Се предвидува рок од најмногу шест месеци во кој судиите треба да го предадат рефератот и да го завршат предметот. Уште поважно, претседател на Уставниот суд откако ќе ги добие готовите предмети, не смее да ги чува подолго од еден месец и во тој период од 30 дена ќе мора да ги стави на дневен ред на седница“, објаснува Кацарска.

Таа и го истакна намалувањето на бројот на стари предмет, некои од кои се чувале и по десет години.

„Статистиките кои ги водиме покажаа дека има раст на укинати или поништени акти. Имено, во минатото ретко се случувало да се носат одлуки за укинување или поништување. Во овој мандат има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и други акти и прописи, додека во делот за поништување се работи за 6 такви одлуки. Станува збор за закони или акти кои се донесени од различни собраниски состави, факт којшто говори за непристрастноста на Уставниот суд“, вели Кацарска.

Таа дополни дека во овој момент судот работи со полн капацитет, односно вкупно девет судии, а и го поздрави тоа што годишниот буџет на Уставниот суд бил удвоен од 40 милиони денари во 2020 година до 76 милиони денари во 2024 година.

Кацарска потсети на поштенската марка која Судот ја промовираше во февруари, како и тоа што во 2023 година Уставниот суд стана еден од судовите-основачи на Балканскиот форум на уставни судови.

Тригодишниот мандат на Кацарска истекува на 2 јуни. Нејзиниот наследник ќе биде избран утре од редовите на судиите.

На прашањето што очекува од нејзиниот наследник, таа рече дека очекува Судот и понатаму да биде ажурен, да постапува по сите предмети без разлика од кого е поднесена иницијативата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Венко Филипче е нов лидер на СДСМ

Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче победи на внатрепартиските избори за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Денешното гласање се спроведе во 77 избирачки места, а...