Иванов и Димитров на состанок на лидерите на процесот Брдо – Бриони

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска ќе учествуваат на состанокот на лидерите од Процесот Брдо – Бриони, што се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија.

На состанокот, чии домаќини се претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ, ќе се дискутираат теми поврзани со процесот на проширување на Европската Унија и европските перспективи на земјите од регионот.

Гостин на состанокот, како што е најавено, ќе биде претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер.

Како што соопштија од нивните кабинети, Иванов и Димитров во рамките на состанокот ќе остварат повеќе билатерални средби, а претседателот на Македонија предвидено е да има обраќање на пленарната сесија на состанокот.

На средбата е најавено учеството и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, и на членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ.