Ирачките сили ја продолжија офанзивата за ослободување на Мосул од ИД

Ирачката војска денеска ја продолжи офанзивата за ослободување на градот Мосул од милитантите на Исламска држава, напредувајќи источно од градот, јавуваат светските медиуми.

Сепак, стравувањата се дека битката за Мосул ќе трае предолго, а Обединетите нации (ОН) веќе изразија загриженост од можна хуманитарна катастрофа за околу 1,5 милион жители на градот. Мосул е втор по големина град во Ирак и е последното упориште на Исламска држава во земјата.

Во офанзивата во Мосул учествуваат околу 30.000 припадници на ирачката војска.

Доцна синоќа, Пентагон соопшти дека операцијата почнала добро и дека борбите ќе бидат тешки и ќе бараат доста време.

Ирачката војска во текот на ноќта фрлала летоци над Мосул со безбедносни инструкции за населението.

Француското министерство за одбрана, исто така, синоќа соопштило дека министрите за одбрана на водечките земји од коалицијата против ИД, на 25 октомви ќе се состанат во Париз, за да разговараат за битката за преземање на Мосул.