Паника владее во Кавадарци, Неготино и во Велес, откако преку онлајн пирамидалната шема „Конти“ (Conti) каде корисници беа повеќе од 14.000 македонски граѓани, запре исплатата на пари. Преку овој начин на брза заработка, која се одвива преку уплата на криптовалути на платформата за тргување со крипто, Бајненс (Binance), голем број македонски граѓани изгубија илјадници евра, голем број заработија, но и има и такви – оние на врвот на пирамидата, кои сериозно се збогатија.
Мета.мк во последниве неколку дена слушна десетици сведоштва на луѓе кои биле дел од оваа пирамидална шема, која навидум изгледа мошне едноставно – сè што треба е да се отвори профил на Бајненс и на Телеграм, регистрација на платформата на Конти, да се уплати извесна сума пари и да се „кликаат“ лајкови на филмови или трејлери на филмови. Дополнително, се регрутираат нови и нови луѓе, односно што повеќе луѓе имате „под вас“, толку повеќе заработувате. Сè додека платформата не згасне. Кога ќе се случи тоа, не се знае, но кога ќе згасне, исходот е неизвесен – некој останува со салдо нула, некој е побогат за илјадници евра, а некој измамен за илјадници евра.
Да се биде дел од оваа шема никој не е принуден со сила, односно луѓето самоиницијативно одлучуваат дали ќе вложат пари или нема да ризикуваат. Но, кога ќе стигнат првите брзо заработени пари, понатаму е тешко да се стави точка, па оттаму, според сведоштвата што ги чувме, голем број граѓани зеле брзи кредити и зајмувале пари за да останат во игра, бидејќи секој нов пакет носи поголема добивка. Сè додека престанува да носи, па луѓето остануваат со високи долгови кои немаат како да ги вратат.
Со торти и балони се промовира лесниот начин на заработувачка
Постоењето на Конти, DGPT, Етернал и слични платформи, досега беа јавна тајна во земјава, но клопчето полека почна да се одмотува кога луѓе во последниве денови останаа покуси за високи суми пари, кои надминуваат и 10 илјади евра. Вчера, доцна вечерта, постоеше најава дека дел од парите на корисниците ќе им се враќаат, но тоа не става точка на начинот на кој функционираат пирамидалните шеми. Дури и во случајов, на корисниците им се бара да уплатат депозит, доколку сакаат парите да им бидат достапни.
Во Кавадарци, двајца млади луѓе, летово го отвораат инфо-центарот на Конти. Станува збор за скромна прослава, со торта, балони и логото на Конти, а се ветува брза заработувачка. Сличен инфо-центар се отвора и во Радовиш.
Бизнисот тече и претходно, а корисниците се „здружени“ на социјалната мрежа Телеграм, каде постојано има нови понуди, нови пакети, а од организаторите се пласираат информации дека станува збор за бизнис кој потекнува од Британија и од Словенија и дека тие редовно посетуваат обуки за овој бизнис. На корисниците им се делат и флаери во кој се објаснува овој процес за брза заработка.
Сето ова е дополнителен стимул за граѓаните – тие вложуваат пари, оти на почетокот, навистина им се враќаат. На пример, ако се купат три пакети во вредност од 750 евра, за 25 дена си ги враќаат вложените пари, а потоа дополнителната заработувачка доаѓа од кликови на реклами за филмови, и од „регрутација“ на нови луѓе. Од овие 750 евра тие можат да заработат 2.250 евра, односно три пати повеќе од тоа што вложиле. Парите можат да ги подигнат кога сакаат, во менувачница, во било која валута. Колку повеќе вложуваат, граѓаните толку повеќе и добиваат.
Но, секоја ваква приказна мора да има крај, кој доаѓа ненајавено и тоа токму тогаш кога на промоција се пакети кои изнесуваат и до 6 илјади евра – пари кои луѓе ги уплатиле, но потоа станува сè потешко, дури и невозможно да си ги вратат назад.
Конти е регистрирана во Македонија
Мета.мк ги истражуваше двете веб-страници на „Конти“ (CONTI | Al Conti International Culture Limited и Login (conti.vip), но таму можат да се најдат малку податоци. „Конти“ е предмет на анализа на многумина, но крајниот заклучок е секаде ист – станува збор за крајно сомнителна компанија од неколку причини:
- Недостиг на информации за сопствеништвото;
- Сомнителен домеин – conti.vip;
- Скриено сопствеништво на Whois, каде што може да се види кој ја регистрирал, кога и каде;
- Кратко постоење на домеинот од само 7-8 месеци;
- Недостаток на безбедна врска: веб-локацијата не користи безбедна (HTTPS) врска, што е важно за заштита на чувствителните информации на корисниците;
- Нема проверлив SSL сертификат.
Во Македонија, според податоците од Централниот регистар, компанијата Конти-Димков ДООЕЛ Кавадарци е регистрирана во јуни годинава, а основата дејност ѝ е „истражување на пазарот и испитување на јавното мислење“. Основана е со паричен влог од 10.000 евра, а нејзин сопственик и директор е Александар Димков од Кавадарци. Фирмата е регистрирана на улицата „Шишка“, каде што се наоѓа и инфо-центарот на Конти во Кавадарци. Податоци за салдото на фирмата во моментов нема, бидејќи таа е формирана годинава.
Мета.мк веќе два дена се обидува да стапи во контакт со Димков, но неговиот мобилен телефон е исклучен, откако престана исплатата на пари на корисниците. Според нашите информации, прва која што во Македонија ја внесува „Конти“ преку Словенија е девојка од Неготино, која исто така е недостапна на нејзиниот мобилен телефон.
„20 отсто добиваат, 80 отсто губат“
Меѓу првите кои влегува во оваа шема е млад човек од Радовиш, Мартин, кој сега на корисниците им дава нови надежи дека ќе биде отворена нова апликација која повторно ќе им овозможи брза заработка на пари.
Отворена е нова група на Телеграм каде само во текот на вчерашниот ден се собраа над 1.400 членови, со голем ентузијазам дека ќе си ги вратат изгубените пари на „Конти“. Беше остварен и видео разговор во живо со корисниците на кој присуствуваше и Мета.мк. Она што беше очигледно е дека младиот кавадарчанец на корисниците им објаснува дека од овие пирамидални шеми само 20 отсто од луѓето добиваат, а 80 отсто губат.
Во вчерашниот разговор во живо можеа да се чујат многу сведоштва, меѓу кои и такви дека луѓе изгубиле по 13.000 евра кои ги „инвестирале“ во „Конти“.
„Мора да разберете, 80 посто ќе изгорат, 20 посто ќе добијат, тоа е пирамидалното работење. Ќе се обидам сега Македонија да игра преку Индија, затоа што Конти сега преминува таму“, им се обрати администраторот на корисниците, кои беа околу 300 на број, вклучени во живо.
„Имам нова апликација, ја работам месец и пол и добра е, може да се приклучите таму“, додава тој.
„Отвори апликација побрзо, да почнеме да работиме, да бидеме први, па понатаму, кој изгори – изгори“, вели еден од корисниците.
Дел од присутните се противат на ова.
„Луѓе, земете работете нешто, не сметајте на оваа пирамидална шема. Јас изгорев, многу изгорев, не рачунајте на овој начин на заработка“, вели еден од присутните кој подоцна е исфрлен од разговорот.
„Сфатете дека сите вакви шеми траат 7-8 месеци, јас јасно ви нагласувам, оние кои ќе почнат со мене први, ќе имаат 20 посто, другите ќе горат“, вели администраторот.
„Тоа не е добро, еден да гори, а друг да заработува. Јас ќе бидам ќар 10.000 евра, ама некој ќе изгуби 10.000 евра, и тоа не е фер“, се надоврзува еден од корисниците.
Разговорот во живо трае два часа и за денеска е најавено ново лансирање на апликација за овој вид брза заработка.
Сето ова алудира на тоа дека ваквиот начин на заработка преку пирамидалните шеми е речиси невозможно да се згасне, а во прилог на ова одат два факти – големиот интерес кај граѓаните, но и изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој изјави дека кривична пријава официјално не е поднесена, но изрази „загриженост за ваквиот тип на пирамидален, инвестициски, финансиски потенцијален криминал којшто се случува по не знам кој пат во Македонија“.
Од Јавното обвинителство не добивме одговор на прашањето дали ќе биде отворена истрага по допрен глас во однос на ваквиот вид пирамидални измами.
(Продолжува)
Лесна заработка, тешки последици – како функционира онлајн пирамидалната шема „Конти“?