ИК на ВМРО-ДПМНЕ го овласти Мицкоски да се обиде да формира Влада, од СДСМ велат тој е „шпицен аутсајдер“

ВМРО-ДПМНЕ ја одржа својата редовна седница на Извршниот Комитет прва по одржувањето на предвремените парламентарни избори, на која што го овласти претседателот Христијан Мицкоски да продолжи со разговори во обидот за составување на ново парламентарно мнозинство.

„Во едни вакви околности ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од народот во најголем број на општини, и воедно издејствува поголем број на мандати споредено со партијата СДСМ без коалицијата со БЕСА. Извршниот Комитет заклучи дека изборите се одржаа во недемократска атмосфера со масовен поткуп на гласови спроведен од актуелната власт на СДСМ. Воедно ВМРО-ДПМНЕ забележува и на бројните недостатоци на денот на изборите срочени во приговорите до Државната Изборна Комисија кои беа одбиени, а кои ќе се преточат во тужбено барање до Управниот Суд,“ се вели во соопштението.

Од СДСМ одговорија на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и велат дека „Мицкоски губи трети избори по ред и се уште одбива да се помири дека граѓаните сакаат да одат напред, а не да се враќаат назад.“

„Мицкоски единствено за што може да преговара е за столчето во белата палата, зошто и тоа му е климаво. Граѓаните не паѓаат на манипулациите и на лагите на Мицкоски и на ВМРО-ДПНМНЕ. Веќе на нив никој не им верува, не им веруваат ниту членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од шпицен кандидат Мицкоски стана шпицен аутсајдер и затоа најдобро е да оди надвор од политиката, бидејќи граѓаните јасно му го покажаа патот,“ се додава во соопштението.

Разговорите за состав на новата Влада треба да продолжат по 2 Август, Илинден.