Груевски и Ципрас разговарале за името во Њујорк

Грчкиот премиер Алексис Ципрас имаше куса средба со својот македонски колега Никола Груевски во Њујорк околу спорот за името. Информацијата ја пренесува грчкиот весник „Реал“, посочувајќи дека двајцата премиери поразговарале за време на приемот организиран од американскиот претседател Барак Обама, во чест на светските лидери што учествуваат на Генералното собрание на Обединетите нации.

Ципрас за време на средбата побарал од Груевски да направи чекори за придвижување и за решавање на спорот за името.

Оваа блиц средба во Њујорк воедно е и првата средба меѓу Ципрас и Груевски, иако неговиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, годинава имаше неколку средби со министерот Никола Попоски и го скрши мразот со посета на Скопје летово. Македонија и Грција се во разговори за спроведување мерки за градење доверба за подобрување на врските и на соработката.

Паралелно со средбата, грчките медиуми пренесуваат незадоволство од фактот што на Македонија ѝ е дозволено да учествува под уставното име на состанокот против насилниот екстремизам на Исламска држава (ИД) во рамки на Генералното собрание. САД, кои се организатори на состанокот, според дипломатски извори на весникот „То Вима“, одбиле да го прифатат грчкото барање Македонија да биде запишана како БЈРМ на денешниот состанок.

„То Вима“ оценува дека ваквите ситуации покажуваат дека спорот за името продолжува да создава јаз во грчко-американските врски, бидејќи ова е втор случај САД да инсистираат да учествуваме како Република Македонија по состанокот на држави против ИД на НАТО во декември.

Според весникот, премиерот Ципрас и министерството треба да се загрижени за овој случај и да реагираат и до американскиот државен секретар Џон Кери, со кого Ципрас е предвидено да се сретне утре. Во текстот индиректно се апелира дека треба да има грчка реакција бидејќи засега нема никаков коментар од грчката влада за фактот што Македонија ќе учествува под уставното име.

Дипломатските извори за весникот тврдат дека политичарот кој ѝ создава сопка на Атина со овие ситуации е заменичката на државниот секретар, Викторија Нуланд. Нуланд, наводно, настапила директно кон грчкиот амбасадор во Вашингтон, Христос Панагопулос, барајќи од него да се најде решение што ќе ги задоволи барањата на двете страни.