фото: МПСОЗ

Поддршка на Европската Унија во процесите на развој и интеграција на државата, посветеноста на Владата за реформските процеси, политиките на дијалог и стратешките цели на земјава, беа дел од разговорите на денешната средба меѓу вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, на која се дискутираше и за 20-годишнината од Охридскиот Рамковен Договор и за пописот на населението.

Двајцата соговорници, како што соопштија од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, се согласиле дека треба да се вложат максимални напори за да се постигне единствената цел на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија.

Груби ја изрази важноста од посредувањето на ЕУ во надминувањето на спорот со Бугарија и благодарност за досегашната заложба за изнаоѓање решение во интерес на двете страни. Тој истакна дека нема простор за евроскептицизам меѓу политичките елити или граѓаните, бидејќи сите достигнувања се заеднички. Исто така, Груби го информирал амбасадорот Гир за зелената агенда, како стратешка ориентација на земјата за подобар живот, по нормативното заокружување на сите политички прашања утврдени во Охридскиот Рамковен Договор и Преспанскиот Договор.

Амбасадорот Гир во име на ЕУ го потврди учеството на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот Договор.