Греди од куќа затрупале двегодишно дете во Кочани

Двегодишно дете од населбата Оризари во Кочани го загубило животот откако околу 14 часот се скршиле гредите од руинираниот дел на куќата и паднале врз него, затрупувајќи го, информираат од полицијата.

Екипи на итната медицинска помош, локалната противпожарна бригада и на полицијата, кои пристигнале на местото, заедно со жители на населбата почнале со расчистување на урнатините за да го пронајдат детето.

Околу 15.30 часот детето било пронајдено починато, а смрт констатирал лекар од итната медицинска помош.

Со согласност на јавен обвинител, телото на детето било дадено на семејството.