Градоначалници во посета на САД, Муцунски и Ѓорѓиевски споделуваат фотографии како да се овде

Арсовска, Ѓоргиевски, Муцунски, Коњановски, Христоски и Таравари се дел од работната посета во Вашингтон, но она што е евидентно од нивните профили на социјалните мрежи е дека дел од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не објавуваат јавно за нивната посета, а дел од нив пак, објавуваат постови како да се физички присутни во земјава

Фото: Официјална Фејсбук страна на градоначалникот на Крушево, Томе Христоски

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како и градоначалниците на Кисела Вода, Аеродром, Битола, Крушево и Гостивар веќе шести ден се во посета на Вашингтон, САД на покана од Амбасадата на САД во Северна Македонија како гости на Стејт Департментот. Посетата ќе трае до 16 септември.

Орце Ѓоргиевски, Тимчо Муцунски, Тони Коњановски, Томе Христоски и Арбен Таравари се вклучени во работната посета во Вашингтон, но она што е евидентно од нивните профили на социјалните мрежи е дека дел од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не објавуваат јавно за нивната посета, а дел од нив пак, објавуваат постови како да се физички присутни во земјава.

Иако социјалните мрежи на градоначалниците секогаш се преполни со информации, дури и за најспоредни активности, зачудувачки е зошто е заобиколена информацијата дека тие ќе престојуваат во САД десет дена. Уште позачудувачки е зошто дел градоначалници објавуваат фотографии како во овој период, кој се поклопи со Денот на независноста, да се присутни во Македонија, а всушност не се.

Па така на пример, за 8 Септември, Денот на независноста, градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, објави дека „со свечен настан за подигнување на македонското знаме и изведба на химната од детскиот хор, во основното училиште „Лазо Ангеловски“ беше одбележан Денот на независноста на Република Македонија – Осми септември“. Никаде во објавата не може ниту да се претпостави дека фотографиите и настанот се одржани пред 8 септември, а тој е фотографиран со дел од присутните.

Принтскрин, Фејсбук страна на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски

Градоначалникот на Кисела Вода, пак, Орце Ѓоргиевски, на 9 септември има објава за изградба на нов фудбалски терен и детско игралиште во ООУ „Круме Кепески”, на која што е и самиот присутен и фотографиран, но фотографиите веројатно се направени пред 6 септември.

„Точно е дека сме во работна посета на САД, но за тоа ќе објавиме накнадно, така сме договорени во партијата. Профилите на социјалните мрежи ни се активни и се споделуваат фотографии и постови за тековни активности“, ни изјави градоначалникот Ѓеоргиевски.

Муцунски, пак, не одговори на нашите пораки.

За работната посета во САД, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска нема никаква информација, додека редовно на социјалните мрежи објавуваат фотографии градоначалниците на Крушево и на Гостивар, Томе Христоски и Арбен Таравари.

Христоски споделува и фотографии од сите учесници на работната посета, со агенда од истата, па така всушност и можеше да се забележи кој сè е дел од истата.

Градоначалникот Таравари, пак, освен фотографии, има споделено и негово интервју што го дал за Гласот на Америка, додека е во посета на Вашингтон.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, за неговата посета во САД информираше во рамки на негова објава на Фејсбук, дека е изгласан ребалансот на буџетот, заблагодарувајќи им се на советниците и велејќи дека „по неговото враќање од САД, ќе ги повика сите координатори на советничките групи и претставниците на администрацијата да учествуваат во изготвувањето на 3 годишната развојна програма која треба да биде усвоена до 15 ноември“.

Инаку, градоначалниците, како и професорот Борче Треноски, се во десетдневна посета во рамки на Програмата за лидерство за меѓународни посетители, „Ефективно управување со финансиите и ресурсите на локалната самоуправа“.

3 Коментари

  1. […] Орце Ѓоргиевски, Тимчо Муцунски, Тони Коњановски, Томе Христоски и Арбен Таравари се вклучени во работната посета во Вашингтон, но она што е евидентно од нивните профили на социјалните мрежи е дека дел од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не објавуваат јавно за нивната посета, а дел од нив пак, објавуваат постови како да се физички присутни во земјава, објави Мета.мк. […]

  2. […] Орце Ѓоргиевски, Тимчо Муцунски, Тони Коњановски, Томе Христоски и Арбен Таравари се вклучени во работната посета во Вашингтон, но она што е евидентно од нивните профили на социјалните мрежи е дека дел од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не објавуваат јавно за нивната посета, а дел од нив пак, објавуваат постови како да се физички присутни во земјава, објави Мета.мк. […]

  3. […] Орце Ѓоргиевски, Тимчо Муцунски, Тони Коњановски, Томе Христоски и Арбен Таравари се вклучени во работната посета во Вашингтон, но она што е евидентно од нивните профили на социјалните мрежи е дека дел од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не објавуваат јавно за нивната посета, а дел од нив пак, објавуваат постови како да се физички присутни во земјава, објави Мета.мк. […]

Comments are closed.