fbpx

Годинава немало масовни протести на земјоделците во Холандија

Што се однесува до тврдењето за самоубиствата на земјоделците, точно е дека ги има, но нема докази дека тие се поврзани со владините политики, пишуваат факт чекерите од Холандија кои изнесуваат и бројки и статистики за самоубиствата на земјоделците во последните осум години

-

Минатата година имало масовни протести на холандските земјоделци, но не и годинава. Факт чекери од Холандија за Вистиномер велат дека во 2023 година имало протести, но ниту еден не можел да се спореди со огромните протести и немири во 2022 година. Земјоделците во Холандија не протестираат поради тоа што владата сака да ги исели за да гради куќи за домување за мигранти, туку поради владините политики за намалување на азотното загадување. Фотографијата, прикажана во постот, е стара и се однесува на протест кој се случил во јули минатата година  и кој не бил поврзан со никакво запленување на фарми за да се сместат мигранти, како што се тврди во оваа објава на Фејсбук, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој шири низа невистини поврзани со протестот на земјоделците во Холандија.

Додека немирите продолжуваат да ја зафаќаат #Франција, масовни протести се шират и во Холандија.  Холандскиот премиер Рут добил инструкции од Клаус Шваб, германскиот претседавач на Светскиот економски форум и самоименуван лидер на Новиот светски поредок, да заплени 3000 фарми во приватна сопственост и да ги отстрани фармерите од нивните домови и покрај тоа што ги поседувале и живееле таму со генерации.

Причините биле земјиштето да се користи за сместување на мигрантите бидејќи имале дополнителни планови за помасовна миграција.

Многу млади фармери биле доведени до самоубиство, се вели во објавата која ја рецензираме.

Постот е придружен од фотографија од протести на земјоделците кои би требало да ги отсликуваат оние актуелните за кои се говори во текстот од постот, но оваа фотографија е стара и се однесува на протест кој се случил во јули минатата година  и кој не бил поврзан со никакво запленување на фарми за да се сместат мигранти, како што се тврди во постот. Протестите од фотографијата биле заради еколошките планови на владата и законите за намалување на азотното загадување. Со оглед на фактот што станува збор за далекусежни мерки, некои од земјоделците, како што пренесува Дојче веле, можат да бидат ставени пред ултиматум или да ги имплементираат, или да треба да ги продадат своите фарми. Но, каков избор и да се одлучат да направат фармерите, холандските власти имаат обезбедено фонд токму за оваа намена во износ од значителни 25 милијарди евра.

Со цел да ги провери тврдењата изнесени во постот, Вистиномер стапи во контакт со колеги факт чекери од Холандија. Марике Киперс од сајтот за проверка на факти nieuwscheckers-nl ни посочи дека тврдењата изнесени во постот се чини дека се базираат на протестите на земјоделците што се случиле лани.

Годинава имаше некои протести, но ниту еден не можеше да се спореди со огромните протести и немири минатата година, ни рече Киперс.

Таа ни посочи неколку линкови од објави на холандски сајтови со цел да ги дебанкираме тврдењата изнесени во постот.

Не е точно дека холандските земјоделци биле принудени да ги отстапат своите фарми за сместување на мигранти, пишувале холандските сајтови уште во јуни 2022 година.

Како што пишува dekanttekening-nl, вакви неточни тврдења биле изнесени во емисија на каналот Ongehoord Nieuws.

Поради тоа, Холандската фондација за јавна радиодифузија (јавна радиодифузна организација која управува со јавните радиодифузни услуги во Холандија – НПО) се изјаснила дека ќе наметне санкции против Ongehoord Nieuws, бидејќи радиодифузерот го прекршил новинарскиот кодекс, дозволувајќи им на гостите да даваат неосновани изјави без одговор.

Во однос на тврдењето дека холандската влада го бара земјоделското земјиште на земјоделците за да гради куќи за домување, сајтот Nos-nl посочува дека сточарските фарми, кои можеби ќе треба да се затворат поради националните планови за азот, се наоѓаат во близина на природните резервати.

Практично е невозможно куќите за домување да ги заменат фармите, објавила покраината, пишува nos-nl. Главната причина за тоа е што нови домови се градат таму каде што има смисла, блиску до други станбени области и објекти. Затоа, проблемот со азотот не се користи тајно за купување обработливо земјиште за домување.

Од повеќе од 55.000 фармери во Холандија, околу 20.000 чуваат свињи, крави и живина.

Холандската агенција за оцена на животната средина пресметала дека плановите на владата на крајот ќе го намалат добиточниот фонд за околу 30 отсто. Тоа не кажува ништо за бројот на земјоделците. Бидејќи фокусот е на помалку интензивно сточарство, помалку животни по фарма, бројот на фармери не мора да се намалува за 30 отсто, се додава во написот на Nos-nl.

Сајтот на крајот заклучува сајтот дека „обработливото земјиште во близина на природните резервати може подобро да се користи отколку за домување: за помалку интензивно сточарство и за природата“.

Што се однесува до тврдењето за самоубиствата на земјоделците, точно е дека ги има, но нема докази дека тие се поврзани со владините политики, пишуваат факт чекерите од Холандија кои изнесуваат и бројки и статистики за самоубиствата на земјоделците во последните осум години.

Во 2020 година, бројот на самоубиства меѓу земјоделците беше значително поголем отколку во претходните седум години, наведува холандскиот сајт за проверка на фактите Nieuwscheckers-nl. Според некои тврдења, ова зголемување се должи на холандската земјоделска политика. Сепак, причинско-последична врска никогаш не е докажана.

Помеѓу 2013 и 2021 година, околу 20 земјоделци извршиле самоубиство секоја година. Исклучок била 2020 година со 30 самоубиства.

И за сегашните и за идните бројки, важно е да се внимава на фактот дека бројот на самоубиства (за среќа) не се зголемува за стотици годишно. Врвот во 2020 година бил 30 самоубиства. Во таа година во земјоделскиот сектор биле вработени вкупно 192.000 луѓе.

Триесет самоубиства се многу, но не процентуално, пишува Nieuwscheckers-nl.

Многу студии покажуваат дека земјоделците во западните земји релативно често страдаат од депресија или анксиозност. Причините се споредливи со оние споменати во Холандија: финансиска несигурност, долги работни денови и зависност од владината политика.

Друга поретко наведена причина е изложеноста на пестициди. Мета-студија сугерира дека изложеноста или труењето со пестициди го зголемува ризикот од депресија и самоубиство. Студијата, исто така, нагласува дека сè уште има релативно малку достапни податоци и затоа се потребни повеќе истражувања.

Единственото истражување од Холандија беше спроведено меѓу фармерите во регионот ИЈселланд. Овде, како една од причините за психосоцијални проблеми се споменува „високиот притисок од менување на законите и прописите“. Истражувањето се заснова на интервјуа со само 16 земјоделци, кои не беа случајно избрани. Дали политиката на холандската влада конкретно придонесува за бројот на самоубиства, не е сигурно ниту по оваа основа, пишува Nieuwscheckers-nl.

Од сето ова можеме да заклучиме дека минатата година имало масовни протести на холандските земјоделци, но не и годинава. Во 2023 година имало некои протести, но ниту еден не можел да се спореди со огромните протести и немири во 2022 година. Земјоделците во Холандија не протестираат поради тоа што владата сака да ги исели за да гради куќи за домување за мигранти, туку поради владините политики за намалување на азотното загадување. Самоубиствата на холандските земјоделци не можат да се поврзат со холандската земјоделска политика. Според тоа, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Како им се вкрстија патиштата на Македонецот Тодоровски и рускиот агент за пропаганда, Курејев?

Блумберг објавува најнови сознанија, добиени со увид во документи, од кои се гледа дека рускиот разузнавач Артем Курејев водел кампања за руско влијание во Европа, а попатно контактирал и...