Германија почнала да враќа поголем број мигранти во Австрија

Германија, од почетокот на овој месец, почнала да враќа во Aвстрија зголемен број мигранти кои немаат валидни документи или, пак, не сакаат да бараат азил во земјата, соопштила австриската полиција, пренесува „Би-Би-Си“.

Поголемиот број од лицата што германските власти ги враќаат назад во Австрија, не биле Сиријци, туку главно државјани на Авганистан, Мароко и на Алжир.

„Бројот на мигранти кои во просек дневно се враќаат се зголеми од 60 во декември на 200 лица од почетокот на оваа година“, изјавил висок службеник на австриската полиција.

Новогодишните напади врз жени што се случија во Келн, го зголемија притисокот врз германската канцеларка Ангела Меркел во врска со нејзината политика околу бегалската и мигрантската криза.

За нападите се осомничени главно лица со потекло од Северна Африка и од арапските земји.

Во моментов 19 лица се под истрага за нападите врз жени, од кои ниту еден не е Германец.

Во врска со нападите, поднесени се повеќе од 500 пријави од кои 40 отсто се за сексуално вознемирување.