Германија и Австрија планираат затворање на македонската граница и „мегакампови“ за бегалците

Германија и Австрија, во соработка со македонската и со грчката влада, развиваат план да ја затворат македонско-грчката граница за бегалци, јавува агенцијата „Спутник“, пренесувајќи информации на германскиот весник „Билд“.

Според германскиот весник, експерти од Виена, Брисел и од Берлин сакаат да ја затворат границата и да ја опремат со систем за надгледување. Истовремено, зголемениот број на претставници на Агенцијата за контрола на надворешните граници на ЕУ, Фронтекс, ќе ги дели бегалците на Балканот во две групи, политички и економски.

Весникот наведува дека планот, кој би требало да се имплементира кон средината на март, исто така предвидува создавање на „мегакамп“ во Грција, како центри за депортација и за дистрибуција, за кои официјална Атина ќе добие финансиска помош од 320 милиони евра од Брисел.

Во согласност со планот, бегалците од Мароко, Алжир, Пакистан и од Бангладеш, по пристигнувањето во Грција, ќе бидат преместени во центрите, а потоа веднаш ќе бидат депортирани.

Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека најавите од Виена дека ќе се ограничи бројот на бегалците би значеле дека сè додека не добијат јасни инструкции колку и точно кои бегалци може да поминат и да влезат во Австрија, сите балкански држави ќе направат сé што можат за да не дозволат бегалците да стапнат на нивна територија и да останат таму каде што се, односно во Грција.

Австрија вчера соопшти дека годинава ќе прими до 37.500 бегалци, односно 1,5 отсто од популацијата на земјата, а во 2019 година бројката би достигнала до 127.500 бегалци.

Оцените се дека австриската влада се координира со германската, која, исто така, бара начини да се намали бројот на бегалци во земјата. Весникот пренесува шпекулации од македонска страна дека можно е да се пропуштаат само бегалци што на документите ќе имаат точно обележано држава во која ќе бидат примени, информација која не ја потврдуваат од грчкото министерство за имиграција.