Image by Bruno Germany from Pixabay

Германскиот парламент донесе закон за напуштање на јагленот како гориво во енергетиката, според кој најдоцна до 2028 година ќе се затворат сите постројки за производство на енергија од јаглен и од други фосилни горива, а нуклеарните електрани би требало да бидат затворени до 2022 година.

За поддршка во преодниот период, до остварувањата на ниско или на нулта ниво на емисии од јаглероден двооксид (ЦО2), државата, според новиот закон изгласан кон крајот на минатата недела, до 2038 година во регионите каде се вади лигнит, операторите на електраните и вработените ќе ги поддржи со вкупен износ од 14 милијарди евра, пренесува регионалниот деловен портал СЕЕбиз.еу.

Сојузната влада исто така се обврза да преземе дополнителни мерки во износ од 26 милијарди евра за жителите во подрачјата каде економијата се базира на производството на јаглен.

Германскиот министер за економија Петер Алтмаер рече дека законот за напуштање на јагленот е историски и со него се обезбедува одржливоста и заштитата на климата

– Тоа значи дека ја намалуваме емисијата на јаглероден двооксид, за третина, и дека создаваме работни места за оние кои се погодени од отфрлањето на јагленот како гориво – рече Алтмаер.

Според новиот закон, како што утврди коалициската влада уште кон крајот на мај,  Германија до 2022 година ќе ги угасне сите нуклеарни реактори. Инаку, државата со енергијата од нуклеарките покрива 23 отсто од своите потреби за струја, што значи треба да најде начини за две години како тоа да го надомести.

Оваа одлука е враќање кон владиното решение од коалицијата меѓу демохристијаните и зелените од 2000 година, која канцеларката Ангела Меркел сега ја ревидира, по несреќата во Фукушима и големото незадоволство на јавноста. Тоа ја присили Меркел да формира посебно тело кое повторно одлучуваше за ставање клуч на сите нуклеарни електрани. На тоа се противат 4 големи компании: РВЕ, Е.ОН, Ватенфал и ЕнБВ кои управуваат со нив, бидејќи ценат дека нивното затворање силно ќе се одрази врз германската индустриска база.

Употребата на нуклеарната енергија со години е спорно прашање во државата, а одлуката за затворање на нуклеарките ја поттикна и историската победа на Партијата на зелените на изборите во Баден-Витемберг во март, дотогаш постојаното седиште на ЦДУ (Христијанско-демократскиот сојуз).