„Гардијан“: Како Александар Македонски влијае на спорот за името

Анализа на „Гардијан“ околу спорот за името

Интерент-изданието на „Гардијан“ анализира како проектот „Скопје 2014“ влијае врз односите помеѓу Македонија и Грција, пренесувајќи дека восочната фигура на Александар Велики има почесно место во македонскиот музеј, што е најновиот пример на симболичното добивање поени во спорот за името.

„Љубовната врска на Никола Груевски со спомениците почна со Александар Велики. Во 2011 година, на големо чудење на Грција, македонскиот премиер ја изгради најголемата скулптура во светот на кралот-воин и ја постави на централниот плоштад во Скопје. Сега, откако го посипа главниот град со грандиозни мостови, концертни сали, театри, нови владини згради и големи и мали уметнички дела, премиерот направи уште еден чекор понатаму. Играта ја претвори во она што, веројатно, стана еден од најнепожелните спорови на Запад. Груевски наложи на восочните фигури на Александар, неговиот татко, Филип II Македонски, и на неговата мајка, Олимпија, да им се даде почесно место во новиот Археолошки музеј“, пишува „Гардијан“.

„Гардијан“ вели дека со речиси 30 проценти од нацијата невработени, а повеќе од една третина под линијата на сиромаштијата, Македонците се меѓу најсиромашните луѓе во Европа, но и дека официјалните лица не негираат дека изградбата на проектот има и друга цел: да се освојат поени во долготрајната битка за името Македонија.

„Грците долго време тврдат дека желбата на нивниот сосед е, преку именувањата и употребата на симболите поврзани со неа, да се имплицираат територијални амбиции кон соседната провинција Македонија. Во 23 години откако континентална држава прогласи независност, Александар Велики доминираше со спорот. Атина вели дека генералот со грчко потекло е непобитен доказ за хеленското потекло на Македонија. Скопје вели дека тој е составен дел на локалниот идентитет, како лидер на една империја која е инкорпорирана во регионот и продолжува до Индија. Тактиката на Груевски е слична на онаа на грчките археолози кои во северниот дел на Амфиполис, во провинцијата Македонија, бараа гробница, за која, некои веруваат, дека е на еден од роднините на Александар. Тоа ги распалува страстите на двете страни на границата. И самите Македонци се согласуваат дека оваа шема, не само што потсетува на мегаломанија, туку го претвори Скопје во „мини Лас Вегас“, се вели во анализата.

Според „Гардијан“, во Атина, политичарите неофицијално велат дека времето е зрело да се реши спорот, а компромисното решение „Горна Македонија“ е меѓу оние за кои се верува дека биле предложени од грчките власти.