Извор на фотографија: Архива на ЈП за државни патишта

Европската Унија (ЕУ) нема да ѝ помогне на Црна Гора во исплаќањето на кредитот од речиси 1 милијарда евра кон Кина. Портпаролот на Европската Комисија Петар Стано вчера соопшти дека ЕУ не може да враќа заеми што тие (земјите) ги земале од трети страни, пренесува ЕУ Обсервер. Црна Гора претходно побара помош од ЕУ за исплаќање на кинескиот кредит, чија што висина во комбинација со тешките последици од ковид-19 пандемијата ја доведоа земјата во тешка финансиска состојба.

Портпаролката на ЕУ, Ана Писонери пак додаде дека Брисел е загрижен во врска со „социоекономските и финансиските ефекти што некои од кинеските инвестиции можат да ги имаат“, како и ризиците од економска нерамнотежа и „зависност од долг“. Оттука, ЕУ својата поддршка за Црна Гора би можела да ја даде преку својот план за економски инвестиции од 10 милијарди долари за Западен Балкан.

Идентично како и Северна Македонија, Црна Гора подигна заем од кинеската Ексим банка за изградба на автопатот Бар-Бољаре, чија првична договорена цена со изведувачот Кинеската корпорација за патишта и мостови (ЦРБЦ) изнесуваше 809 милиони долари, но потоа беше зголемена за нови 90 милиони долари. Автопатот доцни со изведба, досега се изградени само околу 40 километри од делницата, а ЕУ Обсервер пресметал дека 1 километар од овој автопат може да ја чини Црна Гора 20 милиони евра.

Првите рати за враќање на кинескиот кредит почнуваат да течат од јули годинава, а доколку Црна Гора не успее да го врати долгот, тогаш според склучениот договор, Кина би можела да добие земјиште и средства во оваа балканска земја.

Во меѓувреме, подгоричкиот весник „Вијести“ денеска ги објави податоците на црногорското Министерство за финансии за висината на државниот долг на крајот од 2020 година. Државниот долг без депозити изнесувал 4,33 милијарди евра, што претставува 103,28 отсто од бруто домашниот производ на Црна Гора. Вкупниот државен долг со депозити е 3,46 милијарди евра или 82,48 отсто од БДП-то на Црна Гора.