ЕСМ ќе купува гас за шест месеци за да работи скопското парно, дизелот засега е алтернатива

Комбинираната електрана ТЕ-ТО Скопје | Фото: Мета.мк

Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) утре очекува да пристигнат повеќе понуди од заинтересирани компании за набавка на природен гас за производство на топлинска енергија во Скопје. Ќе се набавува гас за работењето на топланите „Исток“, „Запад“ и „Север“, но се чекаат понуди за гас и за функционирањето на комбинираната електрана ТЕ-ТО. За ова денеска информираше директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

Тој додаде дека АД ЕСМ веќе контактирало со „Макпетрол“ за набавка на гасот за периодот од 1 ноември до 30 април догодина и очекува тие да достават понуда, но се чека на понуда и од компанијата ПГО која што опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја предложи како контакт за набавка на гас.

„Основниот критериум е најниската цена меѓу понудите, а секако со гаранција дека тие количини ќе бидат испорачани“, изјави директорот Васко Ковачевски.

Во текот на наредната недела ќе се разгледаат сите понуди, а од вторник па натаму, ќе се склучат и договорите за набавка на природен гас за топланите, и евентуално ако се понудат количества, и за почеток со работа на ТЕ-ТО.

„Побарувањето е за шест месеци, имаме номинирано месечни количини, и вкупно за шест месеци некаде околу 225 милиони нормални метри кубни се потребни“, изјави Ковачевски.

Тој очекува дека ќе има прифатлива понуда, во најмала рака барем за топланите, затоа што не се големи количини на гас. Доколку нема прифатливи понуди и нема компанија која што ќе понуди испорака на гас, тогаш АД ЕСМ се подготвува за работа на топланите на алтернативно гориво, тоа е дизел горивото.

„Граѓаните на Скопје не треба да се грижат, парно ќе има, само прашањето е дали топланите ќе работат на природен гас или евентуално со втората варијанта“, објаснува директорот на АД ЕСМ.

АД ЕСМ веќе ги набавило потребните дизел пумпи за топланите, а системот којшто претходно работеше на мазут, веќе го чистат и санираат и пумпите ќе бидат ставени во функција од 1 ноември – доколку нема испорака на природен гас! Ковачевски рече дека ако се работи на дизел, тогаш за количините дизел ќе распишат рамковна-јавна набавка на дизел гориво, но можат да ги искористат државните резерви на дизел, ако не се најде понудувач.

Ковачевски тврди дека има доволно време, вработените на АД ЕСМ ги прават сите напори во текот на следната седмица, пред 1 ноември, за топланите да бидат подготвени  да работат на дизел гориво – како алтернатива, и граѓаните на Скопје ќе имаат парно греење.

Во однос на топланата „Север“ и корисниците на парно греење од општините Чаир и Бутел, директорот Ковачевски рече дека АД ЕСМ ќе склучи нов договор за деловно-техничка соработка со АД Скопје Север, со кој ќе се уредат односите за оваа грејна сезона, со цел граѓаните во делот на градот кој го покрива оваа топлана да имаат парно греење. Сепак, тој прецизира дека обврските од претходниот и од новиот договор мора да бидат исполнети од страна на Топлификација АД – во стечај.