Ердоган вели дека соработката меѓу Анкара и Белград е клучна за Балканот

Турција и Србија се двете клучи земји за Балканот и нивната соработка е од суштинско значење за одржување на мирот, стабилноста и на просперитетот на полуостровот и во Европа, наведува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во авторскиот текст за весникот „Политика“ објавен по повод неговата денешна посета на Белград.

„Врските меѓу Турција и Србија се силни и со длабоки корени. Во долгата историја на тие територии, Турците и Србите живееја заедно. И денес можат да се забележат траги од нашата заедничка историја во јазикот, архитектурата, кујната, културата и во многу други области“,  пишува Ердоган.

Според турскиот претседател, иако немаат заедничка граница, Турција и Србија „се сметаат за соседи, а тајната е скриена токму во тие блиски врски“.

– Несомнено, соработката е неизбежна и поради геополитичката позиција на две земји. Заедничката историја носи и одредена чувствутелност и некои различни разбирања кои се однесуваат и за Турција и за Србија – пишува турскиот претседател.

Тој пристигна вчеравечер во Белград, а беше пречекан од српскиот колега Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и дел од српската влада.

Во делегацијата на Ердоган има 185 бизнисмени и осум турски министри. Официјалните разговори на турскиот претседател почнуваат денеска, на тет-а-тет средба со Вучиќ, по што ќе одржат заедничка прес-конференција.