Еден загинат и двајца тешко повредени во сообраќајка на патот Градско – Прилеп

Дваесет и двегодишно момче од кавадаречкото село Сираково го загубило животот, а две лица биле повредени, во сообраќајна незгода што вчеравечер се случила на магистралниот пат Градско – Прилеп, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, несреќата се случила кога автомобилот, марка „бе-ем-ве“, во кој се превезувале трите лица, удрил во бетонска ограда.

Возачот на автомобилот, Благоја Д., од ударот починал на самото место, а неговите сопатници Н.С. (20) и 17-годишно момче, двајцата од Сираково, со тешки телесни повреди биле пренесени во Ургентниот центар во Скопје.

Надлежен јавен обвинител во присуство на екипа од полициската станица Кавадарци извршил увид на местото.

„Беше извршено мерење, скицирање, фотографирање и беа подигнати траги од местото на настанот. Јавниот обвинител даде наредба да се прибави крв од сите тројца учесници заради понатамошни анализи за присуство на алкохол во крвта.
Надлежниот обвинител издаде и наредба за да се обезбди снимка од видеонадзор од бензинската станица во близина на местото на несреќата и наредба возилото да се однесе на технички преглед“, велат од Обвинителството.