fbpx

ДЗР: Алармантна загуба на таленти – државата на петто место во Европа по одлив на мозоци

Според извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година, Северна Македонија се наоѓа во групата топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од македонскиот високообразовен кадар ја има напуштено државата

-

Активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата. Бројот на граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со значителна стапка, а ваквата тенденција носи сериозни предизвици за државата, економијата и општеството во целост.

Ова е заклучено во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) насловен „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри“.

Бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013 – 2022 година изнесува 7.861 лице, додека во периодот 2015 – 2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 лица со завршено високо образование, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС).

„Во последните неколку децении меѓународните миграции во светски рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од било кога. Тенденцијата кон пораст на емиграцијата на високостручни кадри, како и научен подмладок од одделни факултети, имплицира промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал, а со тоа и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност“, соопштуваат од ДЗР.

Според извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во групата топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од македонскиот високообразовен кадар ја има напуштено државата.

Индексот на одлив на мозоци на „Global Economy“ покажува дека Северна Македонија е на високото петто место од вкупно 41 европска земја, што, според ДЗР, јасно покажува дека државата се соочува со голема загуба на таленти.

Државата нема стратешки документ за борба против одливот на таленти

Ревизорите заклучуваат дека, од 2020 година наваму, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Забележуваат дека е усвоена Резолуција за миграциона политика, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементација на мерките и активностите.

„Национална стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 е единствениот стратешки документ за јавни политики во којшто директно се адресира прашањето за ‘одливот на мозоци’. Оваа стратегија не е објавена во Службен весник и на веб страната на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите велат дека, иако Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година била усвоени, утврден бил низок степен на нивна имплементација, поради недоволната координација меѓу институциите и носителите на мерки, но и како резултат на неформирана работна група во рамките на Министерството за образование и наука (МОН).

„Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Република Северна Македонија, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција“, додаваат од ДЗР.

Во извештајот пишува дека се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и треба да бидат предмет на стипендирање. МОН нема воспоставено ниту ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.

Нефункционалноста на веб порталите nauka.mk и patent.mk оневозможува истите да се користат како средство за обезбедување на информации за резултатите од научно истражувачката дејност, иновациите, трансферот на универзитетскиот „know- how“ на пазарот во компаниите и регистрираните патенти.

Во текот на ревизијата бил ангажиран експерт кој извршил истражување што покажало оти во периодот од 2013 до 2021 година, од државата просечно годишно мигрирале по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои земјава просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари. Вкупно за анализираниот период, државата потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра.

„Одливот на високообразовани кадри има сериозен ефект врз бруто домашниот производ (БДП), со проценети 0,8% од БДП на годишно ниво. Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајќи го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15% од БДП на годишно ниво“, се вели во извештајот на ДЗР.

Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19 отсто од БДП годишно, ревизорите велат дека вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 отсто од БДП на годишно ниво.

Во извештајот се дадени препораки кои се однесуваат на активностите што треба да ги преземат МОН и Владата.

Се препорачува Владата да конципира и усвои сеопфатна стратегија за економската миграција, да воспоставени метод на систематско и континуирано собирање на податоци за миграцијата и да ги утврди приоритетните области кои ќе се стипендираат.

До МОН, пак, се препорачува да изготви анализа за понудата и побарувачката на високообразовани кадри во насока на донесување на одлуки при креирање на уписна политика за прв циклус на студии, но и да преземе активности за изготвување на Програми за препознавање и негување на талентите.

До јавните универзитети и факултетите се препорачува да ја разгледаат можноста за подобрување на функционалноста на Центрите за кариера преку издвојување на финансиски средства за спроведување на предвидените активности, со цел поврзување на приватниот сектор и студентите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Мала книга за лике“: Зошто Данска важи за најсреќна земја на светот

Сите ние сакаме да уживаме во комфорот кој го нуди нашиот дом, понекогаш преуморни од секојдневните активности кои нè оптоваруваат забораваме да уживаме во малите нешта. Сепак, во светот...