ДИЖС: Езерото Младост е загадено и опасно за здравјето

Анализите покажуваат дека водата според физичко- хемиските карактеристики е од втора до четврта категорија, а според микробиолошките карактеристики од четврта до петта категорија

Фото: Општина Велес

Езерото Младост во Велес е загадено и е опасно за здравјето на луѓето, покажале анализите кои ги направил Државниот инспекторат за животна средина.

Директорот Сретен Стојковски денеска информираше дека водата не е за употреба и од физичко-хемиски и од микробиолошки аспект и дека е опасна и за живиот свет, но и за луѓето кои се рекреираат во неа. Тој посочи дека е направен надзор на сите правни и физички субјекти околу езерото Младот, а инспекторите дале задолженија на неколку правни лица да направат елаборати за заштита на животната средина. Исто така направен е и увид на целиот колекторски систем и анализи од водата.

„Анализите покажуваат дека водата според физичко- хемиските карактеристики е од втора до четврта категорија, а според микробиолошките карактеристики од четврта до петта категорија. Тоа значи дека е со многу лош квалитет и негативно влијае на опстанокот на живиот свет на езерото и е опасна за здравјето на граѓаните, заради што се препорачува да не се користи за капење“, рече Стојковски и додава дека и покрај тоа што колекторскиот систем делумно функционира, сепак во езерото има фекално загадување.

Анализи на водата во езерото, каде веќе некое време и со око се забележливи промени од загадување или од друго потекло, веќе правеа и Општината Велес, Центарот за јавно здравје од Велес и Хидробилошкиот завод од Охрид. Податоците од мерењата на првите две институции покажаа дека водата е исправна и безбедна за користење, додека пак, испитувањата на Хидробилошкиот завод покажа дека има фекално и органско загадување и присуство на бактерии.

Доктор Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје од Велес вели дека по наодите од Хидробилошкиот завод за присуство на бактерии во езерото Младост кои лачат токсини, треба да се направат дополнителни испитувања кои не се прават во нивната институција.

„За да се докаже дека во водата може да има токсини треба нови испитувања кои ќе треба Општината да ги нарача. Тие не се прават во нашата лабораторија, ниту пак во нашата земја“, вели Петрова.