Денеска протест во Скопје, од МВР велат Мицкоски да не шири лаги за инцидентот кај Скендербег

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повикаа граѓаните да учествуваат на вечерашниот протест против европскиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ, кој е планирано да се одвива од владиното седиште преку Министерството за правда до Собранието на РСМ.

„Како што расте отпорот на народот за асимилаторскиот Предлог, така расте нервозата кај власта. Се обидуваат на секој можен начин да го спречат народот масовно, достоинствено и гласно да каже НЕ, преку инфилтирање провокатори, преку сценирање етнички тензии или преку директни закани и пријави. Но, народот не им се плаши. Колку повеќе го притискаат, толку народот помотивирано и погласно излегува на масовните протести“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) пак излегоа со соопштение, во кое ги демантираат лагите кои ги изнесе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостувањето на српската телевизија Прва. Од МВР најостро и категорично демантираат дека уапсеното лице кое пукаше со пиштол при инцидентот на плоштадот Скендербег минатата недела бил вработен во МВР.

„Како што МВР веќе информираше, во врска со случајот со брза реакција на полицијата веднаш беше приведен Е.Ј.(40) од Скопје, со што беше избегнат поголем инцидент. Предметниот пиштол му е одземен и вештачен, обезбедени се сите докази против него, а до ОЈО е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво по член 288 од Кривичниот законик. Притоа, во соработка со ОЈО Скопје од страна на Судија на претходна постапка, против Е.Ј. е определена мерка притвор“, велат од МВР.

Од МВР додаваат дека македонските медиуми веќе го идентификуваа лицето и внимателно го следеа развојот на настаните, па обидите на Мицковски за пласирање на лаги и дезинформации се сега насочени кон медиумите од другите држави.

„Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира да не се изнесуваат лажни вести и дезинформации кои можат да доведат до забуна во јавноста, туку инсистира на точно, навремено и вистинито информирање, кое е и еден од приоритетите во работењето на ова министерство“, се наведува во соопштението на МВР.

Од СДСМ по најавените денешни протести излегоа со соопштение, во кое наведуваат дека Христијан Мицкоски со години ги лаже своите сопартијци и граѓаните глумејќи лажен патриот, и еднаш зборува едно, друг пат друго за односите со Бугарија.

„Истиот тој Мицкоски велеше дека тој и ВМРО-ДПМНЕ јавно прифатија Бугарите да бидат застапени во Уставот, за денес тој да е прв противник на тоа. Мицкоски заедно со неговиот партнер проруската Левица имаат само една цел, да наштетат на државните позиции и евроинтеграцијата, одработувајќи за туѓи интереси“, велат од СДСМ.