Д-р Арсова за масакрот во Белград: Средбите со оружје на детето му ги развиле мислите за убивање

Кога се имало блиски средби со оружјето, на детето му се родила и патолошката идеја, од било кои причини, од било кои мотиви. Идејата што му се вродила, „да повредам некој“, се развила со помош на тоа што дома имал пиштол, и потоа го реализирал тој монструозен чин што го замислил, вели во интервју за Мета.мк психијатарката Славица Арсова

Фото: Мета.мк

Со седумнаесет жртви и десетици повредени како последица на два масакра се соочи Србија за само 48 часа, откако во средата седмоодделенец во Врачар уби осум свои соученици и чуварот во училиштето, а ден подоцна, 21-годишно момче во Младеновац уби осум луѓе и повреди 14. Она што за овие простори било непознаница, со овие два трагични настани стана реалност, нешто што во јавноста отвори многу прашања, и во однос на воспитната компонента кај младите и системското потфрлување во однос на превенцијата, но и во однос на контролата над оружјето.

За тоа кои се можните мотиви за едно дете да посегне по огнено оружје, каква е неговата структура на личност и дали можело да се направи нешто за да се превенираат вакви трагични настани, разговаравме со д-р Славица Арсова, психијатар и професорка на Катедрата за психијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје.

Според вашето искуство, каков би можел да биде профилот на личност, на едно дете, кое обмислило, а потоа и реализирало вакво монструозно дело?

Арсова: На таа возраст не можеме да зборуваме за структура на личност, можеме да зборуваме за развој. Само кога зборуваме за зрела личност, можеме да зборуваме за структура на таа личност. На 13-14 години сè уште е рано. Но, одредени работи, одредени елементи понатаму, во зрелата возраст – кога ние проценуваме дали станува збор за лица со адекватна или неадекватна структура на личноста, ги цениме токму од развојот. Ова значи дека ако ние се сомневаме дали некој има неадекватна структура, што во превод значи психопат, цениме дека лицето нема развиено осет за емпатија, неможност или мало сочувство со туѓата болка, целосно или речиси целосно отсуство на каење, лице кое во текот на развојот често имало конфликтни релации со врсниците или со авторитетите, лице кое реагира на импулс, или народски кажано, има „краток фитиљ“. Во некои ситуации не мора да биде само тоа, бидејќи кога зборуваме за неадекватни структурирани личности, тие не мора да бидат само оние кои се со „краток фитиљ“, туку можно е да бидат и оние кои не биле доволно друштвени, биле повлечени, несоцијализирани, оние кои не оствариле релации или оствариле површни релации.

Кога зборуваме за релации, зборуваме за релации со другарчиња (давање, земање, делење, играње) понатаму, создавање интимни релации, или пак неможност да се создаде било каква релација.

Колкави се капацитетите на децата на возраст од 13-14 години, да бидат свесни за своите постапки и последиците од истите и што би можело да биде „тригерот“ за да отстапат од нормални општествени однесувања?

Арсова: Овде зборуваме за дете во рана адолесценција, каде што цениме дека би требало да има капацитет да разликува добро од лошо, дозволено од недозволено, социјално прифатливо од социјално неприфатливо и има капацитет за создавање релации. Во тој период, децата имаат најголема потреба да припаѓаат на групи, да припаѓаат со врсниците. Доколку детето не може да се вклопи во групата што е „популарна“ или група со позитивни квалитети, тоа може да прибегне кон идентификација со „негативци“, со група која има неприфатливо, неадекватно однесување. Во училиште, тоа би можело да значи непочитување на школскиот ред, неисполнување училишни задачи, непочитување на авторитети, наставници и родители.

Но, тогаш е најважно децата да припаѓаат на врсничката популација. Ние сме социјални суштества и имаме потреба на припадност, тоа е нашиот социјален нагон.

Од ова што го слушам и читам, а тоа се многу површни информации, детето немало поширок круг на пријатели и не знаеме дали припаѓало некаде или не. Но, за да се припаѓа некаде, треба да се има капацитет за давање – да дадеш за да ти биде вратено, да дадеш нешто на некој друг, сето тоа е акција – реакција, да даваш, споделуваш, и емоции и доживувања, да делиш сè што имаш со оној што ти е близок.

Што доколку детето не се најде во ниедна група?

Арсова: Доколку тоа не се случи, детето може да се чувствува неприфатено, непосакувано, да смета дека е недоволно убаво, недоволно паметно, недоволно вредно. Важно е чувството дека те сакаат и дека те прифаќаат, но тоа не мора секогаш да биде адекватно на реалноста, односно може доживувањето, интерпретацијата да биде искривена – „мене ме мразат, не ме почитуваат, не сум доволно интересен, атрактивен, мене ме понижуваат“. Тоа не мора секогаш да е правопропорционално со реалитетот, односно може да биде само лична интерпретација на детето.

Во дадената ситуација ние немаме реални податоци дека детето навистина било отфрлано и дека било жртва на врсничко насилство, бидејќи има и информации дека го викале на дружења, собири со врсници, така што тука мора да се обрне внимание и на интерпретацијата – дали станувало збор лична интерпретација од типот „мене не ме сакаат, ме отфрлаат, ме понижуваат, ме гледаат чудно“ или пак за реална ситуација.

Сепак, голема е разликата од тоа детето да има лична интерпретација дека е отфрлено и да премине кон реализиција на ваков монструозен чин. 

Арсова: Тоа е најекстремното нешто. Во тој период може да постои насилство и да се интерпретира преку чести расправии со врсници, професори, бегање од часови, непочитување на авторитети, употреба на неадекватен речник и сл. Но, ова е екстрем, каде целта е некој да биде повреден, да посакуваш нечија смрт, дали сопствена или туѓа, агресивните пулзии го достигнуваат највисокиот степен.

Екстремните пулзии ги има секој човек – доколку тие се насочени кон нешто позитивно, тоа се вика амбиција. Доколку ние не би имале агресивни пулзии, кои се насочени кон градење, тогаш не би биле амбициозни, би останале засекогаш во прво одделение, арно ама кога ги насочуваме кон создавање, тоа претставува градење и амбиција. Кога ги насочуваме кон деструкција, тоа претставува уништување. Дали е тоа уништување на околината, значи на сè околу нас, или е свесно повредување на некој, тоа е насилство. Тоа значи „сакам некој да повредам“ и може да биде насочено или кон себе, да посакаш да си го одземеш сопствениот живот или пак хомоцидалниот нагон, односно да убиеш.

Секако мислата е неадекватна, болна, нездрава. Доколку помине веќе во реализација, ништо од ова, во ниту еден случај, не може да се толкува како здраво. Дали станува збор за дете кое утре ќе се развие во личност со неадекватна структура, како т.н. психопати кои излегуваат од рамките на социјално прифатливото и не почитуваат никакви закони норми и правила, или е резултат на друго потешко душевно растројство кое може да почне во тој период – во секој случај е дел од некаква нездрава мисловна содржина која потоа поминала во реализација.

Постои ли начин да се санкционираат, обезбедат или да се лечат овие личности, со цел да се превенираат кривични дела?

Арсова: Неадекватно структурираните личности, значи тоа не е болест, многу често го прекршуваат законот, тие најчесто одат во затвор, дали поради разбојништва, кражби, тепачки или најстрашното нешто, убиства. Доколку станува збор за развој на растројство кое почнало во тој период, тогаш постои третман и лекување кое може да вроди со редукција на тие психопатолошки содржини.

Фото: Мета.мк

Сметате ли дека има нешто што родителите или наставниците можеле да направат за да превенираат ваков траорен настан?

Арсова: Секако дека има. Во случајов, она што е впечатливо е дека имаме оружје. Основно правило е дека дома оружје не се чува, оти тоа значи чекор поблиску до самоубиство или до убиство. Оружјето е нешто што значи алатка за нанесување повреда, тоа му е функцијата. Доколку се бавиш со таква професија, постојат соодветни мерки за заштита, а доколку не се бавиш, идејата за чување оружје е бесмислена. Зошто се чувало оружје дома? Со самото тоа, ризикот да се случи вакво нешто е голем. Од друга страна, детето се зближило со оружјето, односно бил носено на стрелиште. Значи било во близок контакт и се фамилијализирало со оружјето. Доколку тоа не би постоело, не дека немало да се случи нешто лошо, таквото нешто најверојатно би било свртено кон себе, доколку е резултат на некое душевно растројство, а ете не било забележано или навремено реагирано. Најголемиот ризик би било да крене рака на себе, на друг начин. Но, со самото тоа што дома имало оружје, му било давано да го држи, да се почувствува близок со тоа оружје, постои огромен ризик за ваква трагедија. Кога се имало блиски средби со оружјето, нему му се родила и патолошката идеја, од било кои причини, од било кои мотиви, небитно. Идејата што му се вродила, „да повредам некој“, се развила со помош на тоа што дома имал пиштол, и потоа го реализирал тој монструозен чин што го замислил. Не е важно дали тоа е направено во склоп на болест или на некоја идна неадекватно структуирана личност.

Зошто сето ова не било забележано навреме не знам, но факт е дека не било забележано од страна на родителите, ниту пак од наставниот кадар, но првично од дома.

Кои се сигналите на кои треба да се внимава?

Арсова: Дали детето не спие, дали премногу спие, дали не се храни добро, дали премногу јаде, дали не се капи, дали не одржува лична хигиена, дали добива пониски оценки, има ли зголемена раздразливост.

Дополнително, еден од можните показатели во многу истражувања е дека поподложни кон насилство се децата кои уживаат во мачење на животни, мачки, кучиња… Ние, како луѓе немаме потреба да нанесуваме болка и притоа да уживаме во тоа. Но, луѓе кои понатаму ќе развијат неадекватна структура на личноста, како деца имаат искуство на уживање во измачување животни или на понемоќни врсници. Тоа може да биде физички, ова особено кон животните или пак психолошки, преку омаловажување на врсниците.

Детето во секој случај го менува однесувањето, тоа се забележува, и тоа сменето однесување често трае и по една година. Во случајов, тоа траело, детето барало да му биде променет класот, зошто е тоа така? Значи детето покажувало промени во однесувањето, кои не секогаш мора да бидат поради малтретирање од средината. Сега ова покажува дека нешто се случувало со тоа дете, зошто не се реагирало навреме?

Србија во моментов се соочува со две слични трагични настани кои се случија во текот на 48 часа. Зошто ваквите настани на еден начин предизвикуваат верижни реакции?

Арсова: Тоа е феномен, не е непознат и не е од сега. Во 18 и 19 век во Русија познати руски писатели еден по друг почнаа да се самоубиваат, како манифестација на незадоволство и отпор кон општествените уредувања во тој период. Понатаму, тоа некако продолжи да се проткајува и во други општествени и животни периоди во различни земји. Да речеме, ако имате чувство дека државата не се грижи за вас, почнувате да се грижите за самите себе како знаете и умеете. Тогаш е можна ескалација на негативните општествени феномени, а тоа е насилството. Дали тоа ќе се манифестира вака, па ќе се шири кон други, или ќе сврти некој против себе – самоубиствени нагони како манифестација на револт и единствен спас од тоа што не е добро, сето спаѓа во насилство. А зошто, понекогаш е тоа поради идентификација со агресорот или со некој кој се справил на таков начин со сопствените фрустрации.

Истражувањата покажуваат дека секоја трета млада личност кај нас доживеала депресивни епизоди или анксиозност во последниве години. Колкав е порастот на депресијата кај младите?

Арсова: Секако дека кај младите има раст на депресивност и анксиозност. И тоа не е само кај нас, има загрижувачки податоци од секаде, и во САД и во Австралија, секаде. Ние додуша бевме и малку подобри поради културолошките разлики, има повеќе дружења, семејни средби, роднински релации, имендени, родендени, имаме тенденција на малку поголемо дружење.

Зошто е во пораст депресијата и анксиозноста, конкретно за земјава, има многу фактори. Во последниве 30 години ние постојано живееме во криза, влегуваме од една во друга. Нам сите кризни состојби, здравствена, економска и политичка, нè погодија, а колку е државата посиромашна, толку кризните состојби се поголеми. Најранливите категории се секако децата, старите лица, болните лица и жените. Значи тоа се категории на граѓани ризични кон нарушување на психичкото здравје во услови на криза. А ние не сме излезени од криза. Колку е земјата посиромашна, толку се и помали капацитети за справување со одредена криза. Доколку ние сакаме да ги заштитиме децата, прво треба да ги заштитиме учителките, воспитувачките, наставниците, во предучилишните установи, во школите…

Ако се грижиме за здравјето на децата, треба да се грижиме и за здравјето на нивните родители. Ако се грижиме за здравјето на мајките, треба да се грижиме за нив кога ќе останат бремени, па потоа кога ќе се породат, да ѝ овозможиш на жената да се грижи за себе, па потоа за бебето. Ако е таа со страв дека ако не се јави на работа, ќе го изгуби работното место, па мора да се врати по 3 месеци, тоа кај неа нормално развива и вознемиреност и депресивност, бидејќи не може да ги заврши сите обврски. Затоа, прво да се погрижиме за родителите, за ако тие се здрави, да се грижат за децата. Лицемерно е да кажеме дека се грижиме за предучилишните установи, а да не се грижиме за оние што работат во предучишните установи. Истото се однесува и за училиштата.