Човечките загуби на руските сили во Украина се искачија на 107.440 убиени

Украински војници со државното знаме во градот Купјанск, источна Украина, 10.09.2022 г. | Фото: Зсу, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Украинските воружени сили на територијата на Украина убиле 107.440 руски војници од почетокот на руската воена агресија на 24 февруари 2022 до утрово. Само во текот на вчерашниот ден биле убиени 720 припадници на руските окупаторски сили, јави украинската новинска агенција ukrinform.net.

Украинските бранители исто така уништиле 3.031 тенк, 6.093 оклопени борбени возила, 2.027 артилериски системи, 423 повеќецевни ракетни фрлачи, 213 системи за противвоздушна одбрана, 283 авиони, 269 хеликоптери, 1.836 дронови (беспилотни борбени летала), 723 крстосувачки ракети, 16 борбени бродови или чамци, 4.725 автомобили или камиони-цистерни и 181 парче специјална опрема, ги пренесува „Укринформ“ податоците соопштени од Генералниот штаб на вооружените сили на Украина.

Инаку, руските воздушни напади продолжија и во текот на вчерашната вечер, по нападите во новогодишната ноќ.

Така, синоќа и ноќеска над украинскиот главен град Кијив биле погодени и соборени 22 воздушни цели. Во текот на руските напади, повеќепати се огласувале сирените за тревожење на населението. Сепак, од руска страна нанесени се и штети врз цивилна инфраструктура, па една станбена зграда во главниот град била оштетена, при што е повредено 19-годишно момче.

Исто така во текот на изминатата ноќ, на целата територија на Украина, Противвоздушната одбрана успеала да уништи 39 руски беспилотни борбени летала „Шахид“ од иранско производство, две такви летала „Орлан 10“ и управувана ракета Кх-59, соопшти украинскиот генералштаб.

Во текот на вчерашниот ден, руските сили го нападнале регионот Херсон 71 пат, и тоа со артилерија, повеќецевни ракетни фрлачи, минофрлачи и тенкови, при што едно лице загинало, а четиримина се повредени.