Честитка од британската кралица Елизабета Втора за Денот на независноста

Кралицата на Велика Британија, Елизабета Втора, денеска упати честитка до претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

­„Ми причинува огромно задоволство да Ви испратам најтопли честитки за прославата на вашиот Ден на независноста, заедно со моите најдобри желби за среќа и за напредок на народот на Македонија во годината што следува“, се вели во честитката на британската кралица.

Република Македонија и Велика Британија воспоставија дипломатски односи на 16 декември 1993 година и оттогаш, како што стои во прилог на честитката, двете земји изградија партнерство „базирано на соработка и отворено и искрено пријателство“.

Денеска преку својот твитер-профил, Денот на независноста го честиташе и амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет, кој се поклони пред Споменикот на паднатите херои во паркот Жена-борец.

„Среќна 25-годишнина од независноста, Македонија! Очекувам да продолжи нашето пријателство и партнерство“, напиша денеска на „Твитер“ амбасадорот на Соединетите Американски Држави во земјава, Џес Бејли.