Брисел и Вашингтон уште ја договараат изјавата дали се исполнети условите за избори

Оцената за условите за одржување избори на 24 април најверојатно нема да биде соопштена денеска, дознава „Мета“.

Според висок дипломат, конечниот текст на заедничката изјава сè уште се прецизира во Брисел и во Вашингтон.

Преговорите на политичките партии на локално ниво продолжуваат.

Евроамбасадорот Аиво Орав и американскиот амбасадор Џес Бејли, по средбата со техничкиот премиер Емил Димитриев на крајот на јануари, соопштија дека на 19 февруари ќе оценат дали се исполнети условите за фер и веродостојни избори.

Како што дознаваме, Орав веќе е заминат во Брисел, каде, меѓу другото, веројатно ќе разговара и за политичката состојба во Македонија и за имплементацијата на Договорот од Пржино.

Политичките партии повеќепати ги пробија роковите за точките предвидени од Договорот од Пржино, а сè уште не успеаја да се договорат за законот за медиуми. Вчерашната средба на работните групи заврши без успех. Засега нема официјална информација дали и кога работните групи ќе продолжат со работа. Белгискиот олеснувач Питер Ванхауте соопшти  дека топката за продолжувањето на разговорите е во рацете на политичките партии, кои треба да одлучат дали ќе продолжат да бараат компромис за спорното прашање.