fbpx

Бејли и Орав му доставија критериуми за фер избори на Димитриев

-

Амбасадорите на САД и на ЕУ во Македонија, Џес Бејли и Аиво Орав, на техничкиот премиер Емил Димитриев му доставија писмо со критериуми што треба да се исполнат за изборите да бидат фер и демократски.

Прв критериум е до 19 февруари Државната изборна комисија да биде обезбедена со персонал и со потребните финансии. Што се однесува до избирачкиот список, мора да бидат завршени првичните вкрстени проверки на сите релевентни бази на податоци за да се добие подобра слика за тоа колку опсежен ќе биде процесот на прочистување, вклучително и теренските проверки.

ДИК, стои во писмото, мора да има веродостојна програма и доволно време и ресурси за да може да ги истражи и одлучува по неправилностите што ќе се откријат за време на вкрстената проверка. Мора да постои јасна законска рамка за навремено отстранување на имиња што не припаѓаат во избирачкиот список, како и да бидат воведени соодветни механизми за одбележување на имињата што нема да можат да бидат отстранети, но за кои ќе биде потребна дополнителна проверка.

Во писмото се бара да постои опсежен и фер механизам за разгледување на жалбите што ќе произлезат од процесот на прочистување на избирачкиот список, а ОБСЕ да биде поканета да ја набљудува процедурата.

Вториот критериум е политичките лидери да постигнат договор за реформите во медиумите за да се обезбеди објективно и непристрасно информирање и еднаков третман на политичките партии.

Амбасадорите како трет критериум го наведуваат преземањето соодветни мерки што ќе обезбедат доволна одвоеност на државата од политичките партии.

„Високите јавни функционери мора да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерира никаков притисок врз вработените на јавната администрација и дека ниту еден вработен и граѓани нема да се плаши за своето работно место и за примање на социјални услуги за поддржување или неподдржување на која било политичка партија“, стои во писмото.

Евромбасадорот Орав и американскиот амбасадор Бејли, денешната средба со техничкиот премиер Емил Димитриев ја оценија како конструктивна.

По средбата, Орав истакна дека ја изразиле својата поддршка за спроведување на кредибилни избори и нивната посветеност кон давање техничка и други видови помош за создавање услови за кредибилни избори.

– Договорот од Пржино, кој го предвидува 24 април како датум на избори, исто така ги обврзува потпишувачите на договорот да ги спроведат реформите и другите мерки, како што се поголема слобода на медиумите, прочистување на избирачкот спиок и спроведување на сите препораки од ОБСЕ, ОДИХР за слободни и демократки избори. Остануваат уште круцијални работи да се спроведат за да може да има кредибилни избори – рече Орав.

Евроамбасадорот рече дека на 20 февруари, пред распуштањето на Собранието, Европската унија и САД во консултација со локални и со меѓународни експерти  ќе оценат дали има услови за кредибилни избори. Тоа ќе биде важно за спроведување на изборите на 24 април.

Американскиот амбасадор Бејли соопшти дека на средбата како пријатели на Македонија ги дале своите ставови.

– На крајот останува на Владата, Собранието и на политичките лидери да донесат одлука. Тие се одговорни за враќањето на државата на евроатлантскиот пат. Исто така, повторивме дека ги охрабруваме сите политички партии, граѓани и организации да учествуваат на изборите. Таквото учество е најдобар начин да се зајакне демократскиот процес. Исто така, ги повикавме политичките лидери да не ги напаѓаат јавните личности чија задача е да ги создадат условите за кредибилни услови. Тие имаат тешка задача, а таквата реторика не помага и ја поткопува вербата дека изборите ќе бидат општо прифатени како слободни и фер – рече Бејли.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...