Бојкотот на наставата ставен во мирување, од МОН велат дека дигитализацијата ќе се спроведе

онлајн настава
фото: Vaishnav Vharkat на Unsplash

Родителите од иницијативата и Фејсбук-група „Настава и учебници мора да има“ денеска одржаа средба со претставници на Министерството за образование и наука на која се разговарало за неколку точки. Тие на средбата побарале задолжителна употреба на хартиени учебници во основното и во средното образование, исклучување на родово-сензитивното образование, создавање соодветни услови за децата со нетипичен развој, креирање протоколи за одржување на настава со физичко присуство и да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден.

Воспитувачката Драгана Спасевска, која зборува во име на родителите кои се дел од оваа иницијатива, средбата ја оцени како конструктивна, но рече дека се навредени поради отсуството на министерката Царовска.

Тие побарале задолжително учество на претставници од групата и граѓанскиот сектор во работната група за измени на законот.

„Бараме да се стопира овој предлог закон, да се отвори јавна дебата и расправа и ние да бидеме инволвирани во новите реформи кои што јасно се ставени на маса дека се повеќе од потребни. Очекуваме идната недела да нѐ повикаат повторно со целосна комплетност на тимот од сите сектори, од Бирото за развој на образованието, од МОН и од СОНК, да одлучиме, да ни кажат јавно, јасно и гласно дали овој предлог закон ќе се прекине и ние да делуваме во новите реформи“, изјави Спасевска.

Спасевска истакна дека доколку Министерството не одговори на нивните барања до понеделник, тие ќе повикаат на протест за стопирање на новиот закон. Бојкотот на наставата, во меѓувреме, се става во мирување.

МОН: Реформите ги правиме во широка консултација со сите засегнати страни

Од Министерството за образование преку соопштение велат дека како за сите реформи, така и за Законот за учебници се консултираат и го слушаат мислењето на сите засегнати страни, а во носењето на законското решение предност се дава на квалитетот на наставата.

„Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни органиации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации ученици, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи“, истакнале од МОН на работниот состанок со родителите.

Од таму се децидни дека дигитализацијата на материјалите за учење се дел од промените кои започнуваат од идната учебна година.

„Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот“, велат од МОН.

Новото законско решение ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека истите ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид, тврдат од Министерството. Исто така, на овој начин учебниците ќе се ажурираат секоја година, што би значело дека повеќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина.

Учениците што бојкотираат ќе треба да надоместат преку дополнителна настава

Фејсбук-групата „Настава и учебници мора да има“ брои над 70.000 членови и во неа од минатиот четврток се повикува на бојкот на наставата.

На прашањето како ќе се регулираат отсуствата од настава на учениците кои бојкотираа, од МОН велат дека секое неоправдано отсуство создава импликации по однос на педагошката евиденција која наставниците ја водат за образованието и поведението на учениците и таквите отсуства треба да се надоместат преку дополнителна настава.

„Мета.мк“ вчера контактираше и дел од родителите кои се администратори и модератори на групата на Фејсбук, но до моментот на објавување на овој текст ниту еден од нив не одговори на нашите прашања.