Блинкен: Сега е можеби последна шанса за примирје во Газа

Изјавата на американскиот државен секретар доаѓа сред преговори за примирје меѓу Израел и Хамас, на кои сè повеќе се чини дека ниедна страна не е спремна за компромис

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен | Фото: Стејт департмент на САД, јавен домејн, Викимедија комонс
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен | Фото: Стејт департмент на САД, јавен домејн, Викимедија комонс

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на посета во Израел, ги дискутираше опциите за примирје со израелскиот претседател Исак Херцог. Истовремено, преговорите за примирје меѓу Хамас и Израел продолжуваат, пренесува Би-би-си.

„Моментално е одлучувачки момент. Веројатно е најдобрата, а можеби и последната, прилика да се вратат заложниците дома, да се постигне прекин на огнот и двете страни да се стават на подобар пат кон траен мир и безбедност“, рекол американскиот државен секретар на средбата со израелскиот претседател.

Блинкен истакна дека американскиот претседател Џо Бајден го пратил Блинкен на неговата деветта посета во Израел од почетокот на конфликтот за да ја „реши ситуацијата“. Извори велат дека САД се надева дека некаков договор за примирје ќе се постигне до следната недела.

„Работиме за да се осигураме дека нема да има ексалација или провокации. Исто е клучно да се избегнат стратешки потези кои на кој било начин би можеле да нè оддалечат од тоа да се постигне договор или пак да доведат до ескалација во регионот.“, рекол Блинкен на средбата со Херцог.

САД имаат изразено оптимистички став за преговорите за примирје, откако тие започнаа одново во Доха минатата недела. Но, Хамас вели дека идејата дека има напредување во преговорите е „илузија“, велејќи дека двете страни имаат многу точки на несогласување од кои не сакаат да се повлечат. На пример, Хамас инсистира израелските трупи целосно да се повлечат од Газа, додека Израел сака да задржи трупи на границата меѓу Газа и Египет.