fbpx

Бајден повика на итен прекин на огнот во Газа, Израел најави отворање на преминот Ерез

Американскиот претседател повика на итен прекин на огнот во Газа додека со Нетанјаху го имале својот прв телефонски разговор откако во израелските воздушни напади загинаа седум вработени во меѓународната хуманитарна организација за храна „World Central Kitchen“

-

Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека неговиот безбедносен кабинет одобрил серија чекори за зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа, вклучително и привремено повторно отворање на клучниот премин Ерез кој беше уништен во нападот на Хамас на 7 октомври минатата година, пренесува Гардијан.

Веста беше соопштена неколку часа по предупредувањето на американскиот претседател Џо Бајден дека идната американска поддршка за Израел ќе зависи од преземањето конкретни активности за заштита на цивилите и хуманитарните работници.

Од кабинетот на Нетанјаху утрово соопштија дека преминот Ерез, кој се наоѓа во северниот дел на Газа и со години служеше како единствен премин за луѓето што се движат во и надвор од територијата, привремено ќе биде повторно отворен.

Џо Бајден повика на итен прекин на огнот во Газа додека двајцата лидери го имале својот прв телефонски разговор откако во израелските воздушни напади загинаа седум вработени во меѓународната хуманитарна организација за храна „World Central Kitchen“ (WCK).

Бајден го упатил најсилниот американски прекор кон Израел од почетокот на конфликтот, пренесува Гардијан.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека во повикот кој траел помалку од 30 минути, американскиот претседател „јасно ја истакна потребата Израел да објави и спроведе серија специфични, конкретни и мерливи чекори за справување со цивилната штета, хуманитарното страдање и безбедноста на хуманитарните работници“.

„Тој јасно стави до знаење дека американската политика во однос на Газа ќе биде одредена од нашата проценка за непсоредната акција на Израел по овие чекори“, соопштија од Белата куќа,

Бајден рекол дека итниот прекин на огнот е од суштинско значење и го повикал Израел да постигне договор со Хамас „без одложување“.

Ваквите изјави означуваат остра промена во реториката на Џо Бајден. Неговото предупредување доаѓа откако „WCK“ ги повика Австралија, Канада, Полска, САД и Обединетото Кралство, чии граѓани беа убиени во израелскиот напад, да се приклучат кон независната истрага за инцидентот.

„Ова беше воен напад кој вклучуваше повеќекратни напади насочени кон три возила на ‘WCK’. Сите три возила превезуваа цивили; тие беа означени како возила на ‘WCK’ и нивните движења беа во целосна согласност со израелските власти, кои беа свесни за нивната маршрута и хуманитарната мисија“, соопштија од добротворната организација.

Во меѓувреме, анализа на Би-би-си открила дека предупредувањата за евакуација издадени од Израел до луѓето во Газа пред нападите, содржеле мноштво значајни грешки – контрадикторни информации и понекогаш погрешно именувани области.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги отфрлија тврдењата дека предупредувањата биле збунувачки или контрадикторни. Во соопштението на ИДФ се вели дека предупредувањата анализирани од Би-би-си се само еден елемент од „обемните напори да се поттикне евакуација на цивили надвор од опасностите“.

Меѓународното хуманитарно право бара од напаѓачките сили однапред да дадат ефективно предупредување за напади кои можат да влијаат врз цивилното население, освен ако околностите не го дозволуваат тоа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.