Атинскиот градоначалник смета дека протестот е непотребен

Распишување референдум во Грција за прашањето за името би било катастрофална грешка, изјави градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис во изјава за грчкото радио „Тема 104,6“. Тој смета дека решението за спорот со Скопје треба да биде сеопфатно, а не фокусирано само на името. Најавениот протест во Атина не го поддржува, но ќе даде дозвола за негово одржување.

Во изјава за грчкото радио, Каминис вели дека иако според анкетите, мнозинството Грци поддржуваат референдум, неговото одржување би било погрешно, и наместо тоа потребен е широк политички и национален консензус.

– Одговорното политичко раководство мора да донесува институционални одлуки и да ги води луѓето. Владата мора да поведе иницијатива за создавање национален консензус за прашањето што ја мачи земјата веќе 25 години. Проблемот ја чинеше Грција премногу скапо во надворешната политика, особено на Балканот и во Европа. Затоа работите треба да се смират – изјави Каминис.

Градоначалникот на Атина порачува дека треба да се види што ќе произлезе од денешната средба на премиерите Ципрас и Заев во Давос и како грешка го оценува тоа што Ципрас за содржината на преговорите со Скопје прво ја информирал Црквата, а не политичките лидери.

Во однос на најавениот протест „Македонија е грчка“ на 4 февруари, вели дека е непотребен и не го поддржува, но оти ќе го дозволи.

– Тоа е политички протест и јас според Уставот сум должен да дадам дозвола луѓето јавно да го искажат својот став. Но, протестот нема да помогне бидејќи ќе биде злоупотреба од крајната десница – изјави Каминис.