Демократската унија за интергарција (ДУИ) нема да гласа за измените на Законот за кривична постапка (ЗКП) ако не биде постигнат политички конзенсуз меѓу најголемите политички партии. Ова го најави потретседателот на Собранието Рафиз Алити со што се намалуваат шансите овие измени да се изгласаат во Парламентот пред неговото распуштање. Од ДУИ велат дека ако измените на ЗКП не ја добијат поддршката и од опозицијата, тие нема да ги поддршат предложените измени.

Eден од предлагачите на овие измени, пак, беше пратеникот на ДУИ Муса Ибраими, заедно со пратеничката на ВМРО ДПМНЕ Светлана Јакимовска.

За да се изгласаат измените на Законот за кривична постапка потребно е за нив да гласаат 82 пратеници, што е многу тешко да се постигне ако за нив не гласаат пратениците на ДУИ.

Пратеничката група на СДСМ е против предлогот за измени на Законот за кривича постапка, бидејќи сметаат дека тоа се прави по најавите на Специјалното јавно обвинителство за отворање на неколку предмети во кои се замешани високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Во измените на Законот за кривична постапка, кои беа предложени по скратена постапка, рокот за одбрана на поднесување на докази се зголеми од 15 на 90 дена. Ова значи дека пред поднесување обвинителен предлог, јавниот обвинител задолжително треба да го извести осомничениот за преземените истражни дејства и за прибраните докази, по што одбраната, наместо 15 ќе има 90 дена да преземе дејства.

Вчера Амбасада на САД во Македонија соопшти дека е изненадена од иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за измени во Законот за кривична постапка. На „Твитер“, од амбасадата наведоа:

„САД со години и помагаат на Македонија во врска со Законот за кривична постапка. Работната група има многу препораки. Затоа сме изненадени од предложените амандмани. Зошто сега? Зошто се брза? Зошто само овие промени?“, стои во твитот од амбасадата.